Рускиот претседател се сретна со Доналд Трамп во Алјаска во петокот, на првиот руско-американски самит по повеќе од четири години. Според извори што сакаа да останат анонимни, речиси целиот тричасовен состанок зад затворени врати бил посветен на дискусија за можен компромис за Украина.
По состанокот, Путин, заедно со Трамп, рече дека се надева дека состанокот ќе го отвори патот за мир, но ниту еден од лидерите не даде детали за разговорите. Во најдеталниот извештај досега од Русија за понудата на Путин, Ројтерс бил во можност да ги скицира контурите на она што Кремљ сака да го види во потенцијалниот мировен договор за завршување на војната што одзеде стотици илјади животи.
Руските извори велат дека Путин се согласил на компромис за неговите територијални барања од јуни 2024 година, кога побарал од Киев да ги отстапи сите четири региони што Москва ги смета за дел од Русија: Доњецк и Луганск на исток, кои го сочинуваат Донбас, и Херсон и Запорожје на југ. Потоа Киев ги отфрли тие услови како повик за предавање.
Во новиот предлог, рускиот претседател продолжува да инсистира Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што сè уште ги контролира. За возврат, Москва би ги замрзнала сегашните бојни фронтови во Запорожје и Херсон, додале изворите. Според американските проценки, Русија контролира околу 88% од Донбас и 73% од Запорожје и Херсон.
Како дел од евентуален договор, Москва е исто така подготвена да предаде мали делови од украинските региони Харков, Суми и Днепропетровск што ги контролира.
Путин сè уште се држи до барањето Украина да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, со правно обврзувачка гаранција дека воениот сојуз нема да се шири кон исток. Исто така, сака ограничувања на украинската војска и договор дека нема да бидат распоредени западни трупи во Украина, дури ни како мировници.
И покрај новите предлози, двете страни остануваат дистанцирани, повеќе од три години по почетокот на целосната инвазија. Министерството за надворешни работи на Украина не ги коментираше веднаш наводите.
Претседателот Володимир Зеленски постојано ја отфрла идејата за откажување од меѓународно признаената територија, нагласувајќи дека Донбас служи како тврдина што спречува понатамошно продирање на руските сили. „Ако зборуваме за едноставно повлекување од исток, не можеме да го сториме тоа“, им рече тој на новинарите. „Тоа е прашање на опстанок на нашата земја, вклучувајќи ги и најсилните линии на одбрана“.
Членството во НАТО е стратегиска цел запишана во украинскиот устав и Киев го смета за клучна безбедносна гаранција. Зеленски рече дека не е на Русија да одлучува за ова. Белата куќа и НАТО не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Политичкиот аналитичар Самуел Чарап од американскиот институт РАНД изјави дека секое барање за повлекување од Донбас останува неприфатливо за Киев, и политички и стратегиски.
„Отвореноста кон ‘мир’ под услови што се категорично неприфатливи за другата страна може да биде повеќе претстава за Трамп отколку знак за вистинска спремност за компромис“, додаде тој. „Единствениот начин да се тестира таа претпоставка е да се започне сериозен процес на работно ниво за да се разработат тие детали“.
Трамп изјави дека сака да го запре „крвопролевањето“ и да биде запаметен како „претседател што создава мир“. Во понеделникот тој рече дека започнал со организирање состанок меѓу руските и украинските лидери, по што ќе следува трилатерален самит. „Верувам дека Владимир Путин сака ова да заврши“, рече Трамп заедно со Зеленски во Овалната соба. „Уверен сум дека ќе го завршиме тоа“.
Два руски извори велат дека специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, бил клучен во подготовката на самитот. Виткоф се сретнал со Путин во Кремљ на 6 август, каде што рускиот претседател ја искажал својата подготвеност за компромис и ја изложил рамката за можен мировен договор.
Доколку Русија и Украина постигнат договор, постојат неколку опции за формализирање на договорот, вклучувајќи трилатерален договор Русија-Украина-САД што би бил признаен од Советот за безбедност на ООН. Друга опција е враќање на неуспешниот Истанбулски договор од 2022 година, според кој Украина би добила безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност во замена за трајна неутралност.
Сепак, лидерите на Велика Британија, Франција и Германија изразија скептицизам во врска со искрената желба на Путин да ја заврши војната. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, но го доведе во прашање легитимитетот на украинскиот претседател, чиј мандат формално истече во мај 2024 година. „Постојат два избора: војна или мир, а ако нема мир, тогаш уште има војна“, заклучил еден од изворите.






