Опасните услови за живот и понатаму владеат во Газа по повеќе од две години разорно израелско бомбардирање и недостиг од хуманитарна помош, пренесува АП.
Примирјето е во сила од 10 октомври, но хуманитарните организации предупредуваат дека Палестинците во голема мера немаат соодветно засолниште што би ги заштитило од честите зимски бури.
Меѓу загинатите има две жени, едно девојче и еден маж, соопшти болницата Шифа, најголемата во градот Газа, која ги примила телата на настраданите.
Министерството за здравство на Газа во вторникот соопшти дека едногодишно момче починало во текот на ноќта од последици од хипотермија, додека портпаролот на УНИЦЕФ изјави дека од почетокот на примирјето повеќе од 100 деца и тинејџери биле убиени со „воени средства“.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека во вторникот разменувала оган со шест лица што биле забележани во близина на нејзините трупи распоредени на југот на Газа, при што најмалку две лица биле убиени во западниот дел на Рафа.
Тројца членови на истото семејство – 72-годишниот Мохамед Хамуда, неговата 15-годишна внука и снаата – загинале кога ѕид висок осум метри се урнал врз нивниот шатор во крајбрежното подрачје долж брегот на Средоземно Море во градот Газа, соопшти болницата Шифа. Уште најмалку пет лица се повредени.
Нивните роднини во вторникот почнаа да ги отстрануваат урнатините што ги затрупале нивните најблиски и повторно да подигаат шатори за преживеаните.
„Светот ни дозволи да ја видиме смртта во сите нејзини облици. Вистина е дека бомбардирањето можеби привремено запре, но во Појасот Газа ги видовме сите можни причини за смрт“, изјави Басел Хамуда по погребот.
Друга жена загинала кога ѕид се урнал врз нејзиниот шатор во западниот дел на градот, соопшти болницата Шифа.
Стотици шатори и импровизирани засолништа биле однесени од ветровите или тешко оштетени, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за хуманитарни прашања.
Обединетите нации и нивните хуманитарни партнери дистрибуираат шатори, церади, ќебиња и облека, како и прехранбени и хигиенски средства низ цела Газа, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарните прашања.
Поголем дел Палестинци живеат во импровизирани шатори откако нивните домови беа претворени во урнатини за време на војната.
Кога бури ја погодуваат територијата, палестинските спасувачи ги предупредуваат луѓето да не бараат засолниште во оштетени згради поради страв од уривање.
Хуманитарните организации велат дека за време на примирјето во Газа не влегува доволно материјал за засолништа.
Населението на Газа, кое има повеќе од два милиони луѓе, се соочува со студено време и бури, додека истовремено се бори со недостиг од хуманитарна помош и недостиг од поцврст привремен сместувачки простор, кој е мошне потребен во зимските месеци.
Ова е третата зима од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври 2023 година, кога милитанти упаднаа во јужен Израел, убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 251 лице, кои ги одведоа во Газа.
Министерството за здравство на Газа наведува дека во израелската одмаздничка офанзива биле убиени повеќе од 71.400 Палестинци.






