понеделник, 15 декември 2025

УСАИД: Не најдовме докази дека Хамас систематски ја краде хуманитарната помош во Газа

Внатрешната анализа на американската влада не пронашла докази дека Хамас систематски ја краде хуманитарната помош финансирана од САД. Наодите го оспоруваат клучниот аргумент што Израел и САД го користат за поддршка на нова приватна операција за дистрибуција на помош.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Анализата, спроведена од единица на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), била завршена кон крајот на јуни. Таа разгледала 156 пријавени инциденти на кражба или губење на американска помош помеѓу октомври 2023 и мај 2025 година.

Според презентацијата на резултатите, која ја видел Ројтерс, немало информации дека Хамас имал корист од помошта.

Портпаролот на Стејт департментот ги оспори наодите од анализата, велејќи дека има видеа што покажуваат дека Хамас ја краде помошта, но дека ниеден видеозапис не е доставен. Тој, исто така, ги обвини традиционалните организации за помош за прикривање на „корупцијата со хуманитарна помош“, објави Ројтерс.

Наодите биле споделени со канцеларијата на генералниот инспектор на УСАИД и претставници на Стејт департментот вклучени во политичките прашања на Блискиот Исток. Овие резултати доаѓаат во време кога недостигот од храна во Газа се зголемува.

Израел вели дека дозволува да влезе помошта, но инсистира на контрола на испораката за да се спречи Хамас да ја украде, кого го смета за одговорен за моменталната криза.

Обединетите нации велат дека речиси една четвртина од 2,1 милиони жители на Газа страдаат од глад, илјадници се сериозно неухранети, а Светската здравствена организација и лекарите во Газа пријавуваат смрт на деца и на други од глад.

ОН проценуваат дека израелските сили убиле повеќе од 1.000 луѓе што се обидувале да добијат хуманитарна помош, повеќето од нив во близина на воено обезбедените дистрибутивни центри на новата приватна организација за помош ГХФ, која е поддржана од американска логистичка компанија управувана од поранешен офицер на ЦИА и американски воени ветерани.

Студијата ја спровело Бирото за хуманитарна помош (БХА) на УСАИД, кое било најголемиот донатор на помош за Газа пред сите американски средства да бидат замрзнати под администрацијата на Трамп во јануари, со што се скратија илјадници програми. УСАИД е исто така во процес на распуштање, а неговите функции се префрлаат на Стејт департментот.

Анализата открила дека најмалку 44 од 156 инциденти на кражба или губење на помош биле „директно или индиректно“ поврзани со израелска воена акција.

Студијата, исто така, забележа ограничувања: бидејќи палестинските корисници на помошта не може да бидат проверени, можно е американската помош да завршила кај административни службеници на Хамас, владејачката исламистичка група во Газа. Извор запознаен со анализата за Ројтерс рекол дека недостигот од информации за широко распространето пренасочување на помошта од страна на Хамас „не значи дека пренасочувањето не се случило“.

Израел, кој го контролира пристапот до Газа, вели дека Хамас ја краде храната и другите резерви од ОН и други организации за да го контролира цивилното население и да ги зголеми своите финансии со продажба на стоката по повисоки цени.

Израелската војска за Ројтерс рекла дека нејзините обвинувања се засновани на разузнавачки извештаи дека милитантите на Хамас го преземаат товарот од камионите така што скришум или отворено се качуваат на возилата за помош.

Исто така, тврди дека Хамас пренасочил до 25% од помошта кон своите борци или им ја продал на цивили, и дека ГХФ ја елиминирал контролата на Хамас врз распределбата со обезбедување директна дистрибуција.

Хамас ги негира обвинувањата. Безбедносен функционер на Хамас рекол дека Израел убил повеќе од 800 полицајци и обезбедувачи поврзани со Хамас додека се обидувал да ги заштити возилата за помош – мисии што биле координирани со ОН.

ГХФ, исто така, го обвинува Хамас за масовна кражба на помошта за да го оправда сопствениот модел на дистрибуција, но ОН и другите организации одбиваат да соработуваат со ГХФ, Израел и САД, тврдејќи дека ова го крши принципот на неутралност во хуманитарните прашања.

Во коментар за Ројтерс, ГХФ ги упати новинарите на статија во Вашингтон пост во која неименуван жител на Газа и анонимни израелски претставници тврдат дека Хамас профитирал од продажбата и оданочувањето на украдената помош.

Војната во Газа почна откако Хамас го нападна Израел во октомври 2023 година, кога, според израелските бројки, 1.200 луѓе беа убиени, а 251 лице беа земени како заложници. Палестинските здравствени претставници велат дека оттогаш се убиени речиси 60.000 Палестинци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ