„Во последните денови доставивме илјадници комплети за рекреација и стотици комплети „училиште во кутија“. Планираме да доставиме уште 2.500 училишни комплети во текот на следната недела, откако ќе бидат одобрени“, изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер. Портпаролот на КОГАТ, огранокот на израелската војска кој го надгледува протокот на помош во Појасот Газа, потврди дека на УНИЦЕФ неодамна му било дозволено да донесе комплети за учење, но не и учебници.
Портпаролот на КОГАТ за Ројтерс изјави дека комплети за учење биле пропуштани неколку пати за време на војната, без да прецизира на кој начин. Децата во Појасот Газа се соочуваат со невиден напад врз образовниот систем, како и со ограничувања за влез на некои материјали за помош, вклучувајќи училишни тетратки и моливи.
Како резултат на тоа, наставниците мораа да се снајдат со ограничени ресурси, додека децата се обидуваат да учат ноќе во шатори без светла, кажа Елдер. За време на конфликтот, некои деца целосно го пропуштија образованието, соочувајќи се со основни предизвици како што се наоѓање вода, како и широко распространета неухранетост во услови на големата хуманитарна криза.
„Беа тоа долги две години за децата и за организациите како УНИЦЕФ кои се обидуваа да спроведуваат образование без тие материјали. Се чини дека конечно гледаме вистинска промена“, кажа Елдер. УНИЦЕФ ги проширува своите образовни активности за да поддржи половина од децата на училишна возраст, околу 336.000, преку поддршка за учење.
Наставата претежно ќе се одвива во шатори, кажа Елдер, поради масовното уништување на училишните згради во енклавата за време на војната на Израел која почна во октомври 2023 година. Најмалку 97 проценти од училиштата се целосно или делумно оштетени, според последната сателитска проценка на ОН од јули.
Израел претходно ги обвини Хамас и другите милитантни групи за систематско инфилтрирање во цивилни области и структури, вклучително и училишта, и користење на цивили како човечки штитови. Поголемиот дел од образовните простори поддржани од УНИЦЕФ ќе бидат лоцирани во централните и јужните делови на енклавата, бидејќи останува тешко да се работи на север, чии делови беа тешко уништени во последните месеци од конфликтот.
Во нападот предводен од Хамас во октомври 2023 година загинаа 1.200 луѓе, според израелските бројки. 71.000 Палестинци се убиени во израелските напади, според здравствените власти на Појасот Газа. Повеќе од 20.000 деца се убиени, вклучувајќи 110 од прекинот на огнот на 10 октомври минатата година, соопшти УНИЦЕФ, повикувајќи се на официјални бројки.






