„Примивме известувања за раскин на грантови на УНИЦЕФ, кои се однесуваат и на хуманитарни и развојни програми“, им кажа во Женева на новинарите портпаролот на таа организација Џејмс Елдер.
Администрацијата на Трамп соопшти во средата дека ќе направи огромни кастрења во американската меѓународна помош, особено со елиминирање на 92 отсто од финансирањето на прекуморските програми на американската развојна програма УСАИД, фалејќи се дека „на даночните обврзници ќе им заштеди околу 60 милијарди долари“.
САД до сега беа далеку најголемиот донатор на хуманитарна и развојна помош.
„Продолжуваме да го проценуваме влијанието на овие известувања за прекинот на нашите програми, но веќе знаеме дека почетната пауза влијаела на милиони деца во околу половина од земјите во кои денес работиме“, кажа Елдер, кој вети дека ќе ги објави резултатите од истражувањето на влијанието.
„Без итна акција, без финансирање, повеќе деца ќе патат од потхранетост. Помалку ќе имаат пристап до образование, а болестите кои можат да се спречат ќе однесат повеќе животи“, предупреди Елдер.
Според него, поради тоа е многу јасно дека секое намалување на финансирањата во овие „исклучително тешки времиња ги доведува во опасност животите на децата во време кога поддршката им е попотребна од кога било“.






