понеделник, 19 јануари 2026

Унгарски МОЛ го презема српски НИС

Унгарската МОЛ група ги потпишала главните одредби од обврзувачкиот рамковен договор со компанијата Газпромњефт за купување на 56,15 проценти од акциите во компанијата Нафтена индустрија на Србија (НИС), објави компанијата МОЛ Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше најавено, МОЛ група е во преговори со компанијата АДНОК од Обединетите Арапски Емирати, за нејзино влегување во сопственичката структура на НИС како малцински акционер.

По завршувањето на трансакцијата, МОЛ, како што се наведува, ќе преземе значајни акционерски одговорности и управувачки права во компанијата која управува со единствената рафинерија во Србија, што дополнително ќе го зајакне нејзиното присуство на енергетскиот пазар на Централна и Југоисточна Европа, се наведува во соопштението.

Покрај рафинеријата за нафта во Панчево, НИС поседува и малопродажна мрежа, како и портфолио во областа на истражување и производство.

Трансакцијата, која ќе се реализира по исполнувањето на условите предвидени во рамковниот договор, вклучително и добивањето на потребните регулаторни одобренија, може, како што се наведува, да обезбеди долгорочно и стабилно работење на рафинеријата Панчево и поврзаните деловни единици, како и непречено снабдување на регионалните енергетски пазари, објавува Н1.

„Како сигурен регионален снабдувач со енергија, сакаме да придонесеме за развојот на Централна и Југоисточна Европа. Со години имаме одлична професионална соработка со нашите партнери во Србија. МОЛ е посветен на соработка со Владата на Република Србија за понатамошно зајакнување на безбедноста на снабдувањето во Србија и регионот. Енергетскиот суверенитет на земјите без излез на море бара соработка на силни локални рафинерии кои работат предвидливо и успешно, како и вклучување на силни партнери. Затоа МОЛ групата е во преговори со компанијата АДНОК, националната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати, за нејзино влегување во сопственичката структура на НИС како малцински акционер, со задржување на мнозинските сопственички и управувачки права на МОЛ. Ние сме подготвени за оваа задача и ќе продолжиме со дискусиите со нашите партнери“, кажа Жолт Хернади, претседател и генерален директор на МОЛ групата.

За заклучување на трансакцијата, меѓу другото, потребна е согласност од ОФАК (Канцеларија за контрола на странски средства на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави), како и други државни и регулаторни органи во Србија. Рамковниот договор ги дефинира клучните услови на купопродажниот договор, вклучувајќи ја и временската рамка за спроведување длабинска анализа на работењето на НИС и поднесување барања за регулаторни одобренија, пишува Н1.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ