петок, 23 јануари 2026

Унгарски министер: Ромите треба да ги чистат валканите клозети во возовите

Унгарската опозиција и ромските здруженија денеска побараа оставка од унгарскиот министер за транспорт, кој изјави дека ромската заедница треба да „ги чисти валканите тоалети“ во возовите затоа што неговата влада не прима баратели на азил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ако нема мигранти, а некој мора да ги чисти тоалетите во возовите, тогаш мора да ги искористиме нашите внатрешни резерви“, изјави вчера Јанош Лазар, функционер на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Унгарските гласачи не се особено наклонети кон чистење валкани тоалети, а таа внатрешна резерва е унгарската ромска заедница“, рече тој во западниот град Балатоналмади.

Лазар зборуваше за недостигот од работна сила на митинг во рамките на предизборната кампања за изборите на 12 април. Лидерот на опозицијата Петер Маѓар, чија партија ТИСА води во анкетите, повика на оставка од министерот, обвинувајќи го на Фејсбук дека „ги преминал сите граници“, пренесува Франс прес.

Силвија Сзенаши, директорка на Фондацијата Уцу, која се бори против дискриминацијата на Ромите, изјави дека е скандалозно што за време на секоја изборна кампања повторно се таргетира оваа малцинска заедница.

Бела Рац, претседател на здружението „Обединета Унгарија“, кое се занимава со политика на ромското сеќавање, потсети дека Ромите придонесуваат за државната економија работејќи „во градежништвото, како претприемачи, интелектуалци и во јавните работи“. Тој побара извинување и оставка од министерот.

Лазар одговори на Фејсбук, критикувајќи ги реакциите како „типични за наивниот идеализам на либералите“ и тврдејќи дека тој и неговата влада направиле многу за Ромите. Ромите се најголемото малцинство во Унгарија, сочинувајќи околу 7 проценти од вкупно 9,5 милиони жители на земјата, пишува Франс прес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ