четврток, 26 март 2026

Унгарската влада обвини новинар за шпионирање, медиумите ја обвинија владата за авторитарни методи

Унгарската влада поднесе кривични пријави против истакнатиот истражувачки новинар Саболч Панји, кого го обвинува за шпионски активности во координација со странски земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Панји известува за прашања поврзани со националната безбедност и разузнавањето и објави обемни извештаи за наводни руски операции во Унгарија, како и за односите меѓу Москва и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој ги негира обвинувањата за шпионажа, како и дека го споделил бројот на Сијарто со странски земји, а медиумите за кои пишува ја обвинија унгарската влада дека користи авторитарни тактики за да го дискредитира новинарот и неговите наоди.

Во тајно снимен разговор, без знаење на Панји кој оваа недела беше објавен во медиуми поврзани со унгарската влада, може да се слушне како Панји разговара со извор за потврдување на телефонскиот број кој го користел унгарскиот министер Сијарто, како дел од истрагата за неговите комуникации со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Вашингтон пост, повикувајќи се на неколку сегашни и поранешни европски безбедносни претставници, објави во текот на викендот дека Сјарто редовно се консултира со рускиот министер за време на паузите на состаноците на Советот на ЕУ за да му обезбеди директни извештаи за тоа што се дискутира како и за можните решенија.

Сијарто го отфрли извештајот, но призна дека се консултира со Лавров пред и по состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ за нивната агенда и одлуки.

На денешната прес-конференција, шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гулјас, изјави дека унгарскиот министер за правда поднел обвинение против Панји под сомнение за шпионажа.

Гулјас кажа дека Панји шпионирал против неговата земја во соработка со странски земји и дека неговата улога како новинар била „маскирачка активност “.

Гулјас додаде дека е „правно дискутабилно“ дали активностите на новинарот претставуваат предавство.

Панји пишува за унгарскиот истражувачки медиум Директ36, како и за варшавскиот централноевропски истражувачки медиум Ви-сквер.

Истрага од 2021 година од страна на меѓународен конзорциум откри дека Панји бил мета на воениот софтверот за шпионажа Пегасус, произведен од израелската компанија НСО груп. Пегасус се вовлекува во телефоните за да собира лични и локациски податоци и може тајно да ги контролира микрофоните и камерите на телефонот.

Висок функционер на владата на Орбан подоцна призна дека унгарската влада го купила и го користела софтверот, кој бил користен против најмалку 10 адвокати, еден опозициски политичар и неколку новинари критични кон владата.

Премиерот Виктор Орбан и неговата партија Фидес се соочуваат со избори кои претставуваат невиден предизвик во неговите последни 16 години на власт. Тој заостанува зад својот противник во повеќето анкети, а Орбан го претстави гласањето на 12 април како егзистенцијално за Унгарија, тврдејќи дека ако изгуби, земјата ќе биде вовлечена во војната на Русија и соседна Украина.

Кампањата на Орбан се фокусира на агресивна антиукраинска реторика, а во последните денови владата во Будимпешта го обвини Киев дека ги користи своите тајни служби за да влијае на исходот од изборите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ