Унгарскиот парламент, каде што владејачката десничарска партија Фидес на премиерот Виктор Орбан има мнозинство, во март донесе закон со кој на полицијата ѝ се дава правна основа да ги забрани собирите на ЛГБТ заедницата, поточно наведувајќи ја заштитата на малолетниците. Новиот закон, исто така, ѝ дозволува на полицијата да користи камери за препознавање лица за да ги идентификува учесниците на ваквите собири.
Градоначалникот на Будимпешта, либерално ориентираниот Гергеј Карачоњ, се обиде да го заобиколи законот, најавувајќи дека годинешната Парада на гордоста ќе биде организирана како официјален градски настан, со што ќе се избегне потребата од полициска дозвола, пренесува Ројтерс.
Сепак, полицијата објави дека законот важи и за настани организирани од градоначалникот и дека поворката е забранета.
Карачоњ одговори дека забраната „нема никаква тежина“ бидејќи властите никогаш официјално не биле известени за планираниот настан.
„Главниот град на Унгарија на 28 јуни, на Денот на слободата на Унгарија, ќе организира Парада на гордоста на слободата како градски настан. Точка“, напиша тој на Фејсбук.
Се очекува десетици илјади луѓе да учествуваат во протестот.
Премиерот Орбан се соочува со потенцијално тешки избори во 2026 година, бидејќи нова опозициска партија е во подем и претставува сериозна закана за неговото владеење. Неговата влада води конзервативна, христијанска политика и од неодамна ја засили својата анти-ЛГБТ кампања за мобилизирање на традиционалниот електорат на Фидес, претежно во руралните области на земјата.
Орбан уште во февруари најави дека „организаторите воопшто не треба да се обидуваат да одржат геј парада оваа година во Будимпешта“.