Испораките на руска нафта до Унгарија и Словачка преку нафтоводот Дружба беа прекинати на 27 јануари, а МОЛ планира да го покрие недостигот со нафта што ќе ја испорача по море, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на унгарската компанија.
Патувањето по море трае подолго, па затоа оваа рута за снабдување се воспоставува „постепено“, забележува МОЛ, додавајќи дека првите пратки треба да пристигнат во хрватското пристаниште Омишаљ на почетокот на март и ќе бидат потребни дополнителни пет до 12 дена за да стигнат до рафинериите на групацијата МОЛ. Ова би значело дека нема да пристигнат до средината на март.
Доколку снабдувањето со нафта од исток не се нормализира во наредните денови, Унгарија можеби ќе мора да пушти 250 илјади барели нафта од стратегиските резерви, во првиот круг, се додава во соопштението на МОЛ.
Затоа МОЛ испратил барање до унгарското Министерство за енергетика за пуштање нафта од стратегиските резерви и со тоа почнала постапката, се наведува во соопштението за медиумите.
Во исто време, раководството е во близок контакт со словачката влада, наведува компанијата, со цел да се обезбеди навремена реакција на Братислава на ситуацијата. МОЛ е сопственик на словачката рафинерија Словнафт со капацитет од 124.000 барели нафта дневно, според податоците од веб-страницата на МОЛ.
Во согласност со прописите на Европската Унија, Унгарија и Словачка имаат доволно нафта во своите стратегиски резерви за 90 дена, забележува МОЛ во соопштението за медиумите.
Сегашната ситуација не претставува закана за малопродажбата на горива и не предизвикала нарушување во снабдувањето на пазарот, нагласи МОЛ, истакнувајќи дека тие континуирано ја следат ситуацијата.






