понеделник, 22 декември 2025

Унгарија: Ќе обезбедиме Путин да стигне во Будимпешта и да се врати дома

Унгарија ќе се погрижи рускиот претседател Владимир Путин непречено да влезе на нејзина територија за средбата со американскиот претседател Доналд Трамп и успешно да се врати во Русија, кажа денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп вчера се согласи втората средба со Путин, по онаа на Алјаска, да се одржи во унгарската престолнина. Тој откри дека тоа би можело да се случи во следните две недели.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера разговараше со претседателот на Соединетите Американски Држави, а денес и со Путин, и објави дека подготовките „одат со полна пареа“.

Изборот на Будимпешта го привлече вниманието на меѓународната заедница бидејќи на Путин му беше издадена потерница од Меѓународниот суд на правдата. Унгарија е во процес на повлекување од таа меѓународна институција.

Москва го отфрла обвинението на Меѓународниот суд и ја оцени потерницата по Путин како доказ за непријателството на Западот кон Русија. „Ќе се погрижиме тој да пристигне во Унгарија, да одржи успешни преговори тука и да се врати дома“, изјави Сијарто за новинарите.

„Нема потреба да се консултираме со никого за тоа, ние сме суверена земја тука. Ќе го пречекаме Путин со почит, ќе го угостиме и ќе му обезбедиме услови да преговара со американскиот претседател.“

Орбан е долгогодишен сојузник на Трамп, кој е исто така близок до Русија. Тој потврди дека средбата може да се одржи во следните две недели ако шефовите на дипломатиите на двете земји до тогаш ги решат преостанатите прашања на состанокот планиран за следната недела.

Сијарто објави дека датумот на средбата на Трамп и Путин ќе биде договорен на таа средба. Орбан претходно изјави во изјава за локално радио дека средбата во Будимпешта ќе биде „за мир“ и дека мировниот договор ќе доведе до нова фаза на економски развој во Унгарија и Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес пристигна во Белата куќа, каде што ќе побара од Вашингтон дополнителна воена помош за Украина, со акцент на ракетите со долг дострел „томахавк“.

Во петокот Орбан нагласи дека Европа мора да ги отвори своите дипломатски канали со Русија, и повторно го обвини Брисел за „провоен“ став.

Унгарскиот премиер често се судира со ЕУ околу Украина, спротивставувајќи се на европската воена помош за Киев. Односите меѓу Киев и Будимпешта се сè повеќе затегнати, а Унгарија сè уште зависи од руските извори на енергија, во време кога ЕУ се обидува да го запре увозот на руска нафта и гас до 2028 година, за што исто така се залага и Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ