Будимпешта и Братислава би можеле да ја блокираат иницијативата за запленување на замрзнатиот руски имот за да се обезбеди финансирање за Украина поради корупцискиот скандал што избувна во Киев, објавува Политико.
Министрите за финансии на ЕУ вчера го завршија состанокот во Брисел, каде што повторно разговараа за прашањето за експропријација на рускиот имот, но не успеаја да постигнат договор. Весникот забележува дека само неколку земји-членки изразиле идеја за целосно напуштање на планот, без да прецизираат колку земји го делат ова мислење. За возврат, другите земји од ЕУ би можеле да воведат построги услови за користење на таквата помош „од страв дека ќе заврши во погрешни раце“, пишува Политико.
Иако земјите од ЕУ не постигнаа консензус за рускиот имот, Данска, како актуелно претседателство со ЕУ, ѝ наложи на Европската комисија да започне со развој на правна рамка за конфискација на имотот. Самит на ЕУ е закажан во декември, каде што би можела да се донесе конечна одлука за ова прашање.
„Комисијата е во трка со времето да предложи заем за репарации, за да можат да започнат технички разговори за финансискиот инженеринг зад иницијативата. Чекањето до следниот самит на лидерите на ЕУ на 18 декември е бесмислено – освен ако ЕУ не е спремна да дозволи Украина да падне“, истакнува весникот.
Политико забележува дека дури и ако одлуката за експропријација на руски средства се донесе во декември, ќе помине долго време пред Киев да ги добие првите плаќања. Според процедурните правила може да е потребно гласање за иницијативата во Европскиот парламент, како и во националните парламенти на неколку земји, што може да трае со месеци. Како резултат на тоа, Брисел можеби ќе мора да одобри привремен заем за Украина.
Доколку Киев не добие нови транши финансиска поддршка од ЕУ или ММФ пред април 2026 година, земјата ќе мора да ги намали трошоците почнувајќи од овој месец. Во почетокот владата ќе ги користи средствата првично предвидени со буџетот за 2027 година, како што се дивидендите од државните банки. Потоа, ќе се обиде да издаде обврзници, а откако ќе се потрошат овие средства, Киев ќе почне да ги суспендира плаќањата кон општините и да ги замрзнува средствата за реконструкција. Како последно средство, владата ќе ја суспендира исплатата на плати на службениците, пензионерите, медицинските работници и војската – нешто што никогаш не се случило откако почна војната.






