петок, 13 јуни 2025

Улогата на Ердоган на глобален миротворец ги прикрива тензиите во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веројатно никогаш немал поголемо меѓународно влијание. Вчера, тој требаше да биде домаќин на првите директни мировни преговори меѓу Русија и Украина во последните три години, само неколку дена откако неговиот долгогодишен милитантен непријател, Работничката партија на Курдистан (ПКК), објави дека се распушта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Неговиот растечки капитал како меѓународен државник, кој работи на стабилизирање на Источна Европа и Блискиот Исток и за што добива пофалби од американскиот претседател Доналд Трамп, дополнително го зајакнува регионалното влијание на Турција, пишува Ројтерс.

Сепак, моментот изгледа чуден, па дури и болен за многумина во земјата, бидејќи се плашат дека тоа би можело да им служи на политичките цели на Ердоган на домашен план.

Апсењето и затворањето на главниот политички ривал на Ердоган, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, во март и април ги предизвика најголемите протести во последната деценија, во она што критичарите го нарекуваат политички мотивирано и недемократско судски прогон.

Имамоглу ги негира обвинувањата, додека Анкара ги отфрла критиките за автократско однесување.

Сепак, овие два навидум паралелни универзуми, меѓународниот и домашниот, ја нагласуваат тенденцијата на Ердоган да го насочи своето внимание кон странство кога ќе се појават политички или економски проблеми дома за време на неговите 22 години водење на Турција, се истакнува во анализата на Ројтерс.

Во согласност со тој шаблон, Ердоган го блокираше планираното проширување на НАТО во мај 2022 година, во време кога инфлацијата во Турција се движеше кон 85 проценти, а конечно го одобри членството на Шведска дури на почетокот на минатата година, во замена за отстапки.

„Ердоган никогаш не бил толку клучен играч во геополитиката“, вели Бирол Баскан, политички аналитичар од Турција. „Имаше драматични промени во геополитиката, а реизборот на Доналд Трамп се истакнува, иако мислам дека најголемата добивка на Ердоган е несомнено Сирија.“

Според турските владини функционери, поддршката на Ердоган за сириските милитанти во текот на изминатата деценија конечно се исплати и за нив и за него кога го соборија претседателот Башар ал Асад во декември, оставајќи ја Анкара со силно влијание во Дамаск и пошироко, додека регионот се обидува да се опорави од војната.

Влијанието на Ердоган дополнително се зголеми во јануари кога Трамп се врати во Белата куќа, со оглед на нивниот близок однос од првиот мандат на Трамп.

Трамп, кој се фали со „одлични односи“ со Ердоган, кажа дека турскиот претседател ќе биде добар домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул.

Ердоган, кој доби покани и посети од лидерите на Соединетите Американски Држави, Русија, Украина, Саудиска Арабија, Франција, Италија, НАТО и други светски сили само во текот на изминатата недела, повика да се искористи можноста за мир меѓу соседите на Црно Море, на север.

Мирот може да биде на повидок и во јужна Турција, каде што бунтовниците на ПКК во голема мера се повлекоа по 40-годишното востание против турската држава во кое загинаа повеќе од 40.000 луѓе.

Ослабена од повеќегодишните турски бомбардирања, групата соопшти во понеделникот дека одлучила да се распушти и разоружа на конгресот минатата недела во северен Ирак.

Иако претстои неизвесен пат, тоа претставува значајна победа за Ердоган, оценува Ројтерс. Тој се обидуваше да ја искористи ранливоста на курдските сили поврзани со ПКК во северна Сирија по падот на Асад, сметајќи и на фактот дека Трамп наскоро ќе ги повлече американските трупи што соработуваат со тие сили.

Мусават Дервишоглу, претседателот на опозициската националистичка партија ИЈИ, предупреди дека Ердоган ја користи одлуката на ПКК за да обезбеди „доживотно претседателство“, бидејќи поддршката од курдските гласачи би можела да му овозможи да донесе нов устав и да го продолжи својот мандат по 2028 година, кога му истекува сегашниот.

Ердоган вели дека усвојувањето на нов устав е негов приоритет, но не кажа дали има намера повторно да се кандидира.

Предноста на Имамоглу во однос на Ердоган на анкетите благо порасна по апсењето на градоначалникот во март, што потоа ја погоди турската лира и ги уназади напорите на централната банка да се бори со повеќегодишната галопирачка инфлација.

Сепак, турски суд минатата недела му забрани на Имамоглу пристап до неговиот профил на социјалната мрежа Икс, што би можело дополнително да го изолира додека чека судење за обвиненијата за корупција.

Во меѓувреме, ноќните протести во кои десетици илјади Турци низ целата земја излегуваа на улиците за да го осудат претседателот за наводната злоупотреба на судството за политички цели, обвиненија што тој ги негира, во голема мера стивнаа.

Харун Армаган, потпретседател за надворешни работи на Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, изјави дека случајот на Имамоглу „не е политички процес, туку судски“, кој е одвоен од „значајните политички настани што се случуваат паралелно“

„Распуштањето и разоружувањето на ПКК ќе биде евидентирано како историска пресвртница во контекст на турската политика“, изјави тој за Ројтерс.

Иако некои европски лидери го осудија апсењето на Имамоглу, многумина во исто време ја поддржаа понудата на Ердоган да биде домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, кој во телефонски разговор со Ердоган во неделата ја нагласи „неопходноста“ Русија да се согласи на примирје.

Како уште еден дипломатски поен за Ердоган, Ројтерс наведува дека во последните месеци Европа се свртела поотворено кон Турција во обид да ја зајакне својата одбрана и да обезбеди гаранции за Украина во случај на примирје што Трамп се обидува да го протурка.

Турција ја има втората најголема војска во НАТО и произведува борбени беспилотни летала што Украина интензивно ги користи против Русија. Во исто време, Анкара одбива да ги воведе западни санкции против Москва, вешто балансирајќи меѓу завојуваните страни и одржувајќи ја нивната доверба.

„Дури и ако мировните преговори во Истанбул заглават, Ердоган ќе ја преземе заслугата. Тој сака неговото име да се спомнува со мировниот договор“, рече Онур Исчи, вонреден професор по меѓународни односи на Универзитетот Кадир Хас.

„Тој е во исклучително силна дипломатска позиција и се чини дека добива сè повеќе и повеќе придобивки од тоа.“

Најновиот поен беше постигнат во вторникот кога Трамп, додека беше во Ријад, одеднаш објави дека САД ќе ги укинат сите санкции против Сирија откако, според изворите, Ердоган и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побарале од него да го стори тоа.

Ердоган и Трамп имаа најмалку три телефонски разговори од реизборот на американскиот претседател, а во средата повторно разговараа со други лидери за одлуката во врска со Сирија.

Трамп го назначи и својот долгогодишен советник Томас Барак за американски амбасадор во Турција, кој по пристигнувањето минатата недела изјави дека сака да ги подобри односите од „одлични“ во „извонредни“.

Рускиот претседател Владимир Путин го отфрли предизвикот од Киев вчера лично да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Турција, испраќајќи наместо тоа второстепена делегација на планираните мировни преговори, додека Зеленски рече дека делегацијата од Киев ќе ја предводи министерот за одбрана.

Тоа се првите директни разговори меѓу двете страни од март 2022 година, но надежите за значителен напредок беа дополнително намалени од изјавата на Трамп дека нема да има напредок без негова средба со Путин.

Зеленски кажае дека одлуката на Путин да не присуствува и да испрати, како што рече, „декоративен“ тим покажува дека рускиот лидер не е сериозен во врска со завршувањето на војната. Русија ја обвини Украина дека се обидува да „направи претстава“ од преговорите.

Не беше јасно кога всушност ќе започнат разговорите.

„Не можеме да трчаме низ светот барајќи го Путин“, рече Зеленски по средбата со Ердоган во Анкара.

„Чувствувам непочитување од Русија. Нема време за состанок, нема дневен ред, нема делегација на високо ниво, ова е лично непочитување. Кон Ердоган, кон Трамп“, им кажа Зеленски на новинарите.

Зеленски додаде дека сега нема ни да оди во Истанбул.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека единствениот пат напред во напорите за ставање крај на војната на Русија против Украина е преку директни разговори меѓу Трамп и Путин.

Во обраќање пред новинарите во Анталија, Рубио рече дека денес ќе отпатува за Истанбул на средби со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и украинската делегација, но нагласи дека нема големи очекувања од тие разговори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ