недела, 21 декември 2025

Украинските власти: Состојбата во Чернобил е повторно стабилна по прекинот на струјата

Ситуацијата во нуклеарната централа Чернобил на северот од Украина е повторно стабилна по прекинот на електричната енергија наводно поради напад со руски беспилотни летала, објавија денес локалните власти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според тврдењата на Киев руската армија синоќа со беспилотно летало погодила електрична инсталација во комплексот Чернобил, оставајќи го објектот без електрична енергија неколку часа.

Властите соопштија дека инцидентот не го зголемил нивото на радијација на местото на една од најлошите нуклеарни катастрофи во светот во 1986 година.

„Снабдувањето со електрична енергија е обновено и локацијата работи нормално“, потврди администрацијата на забранетата зона на Чернобил, која ја опкружува централата во дијаметар од 30 километри.

Чернобил, иако формално не е во функција, има потреба од постојано напојување за ладење на делови од централата и следење на нивото на зрачење, со што се избегнува нуклеарен инцидент.

Руската армија го окупираше Чернобил на почетокот на војната во Украина во 2022 година, но се повлече од таму по само неколку недели.

Едно заштитно куќиште на централата беше погодено во февруари оваа година, по што избувна мал пожар.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски синоќа изјави дека руските напади врз украинските нуклеарни објекти претставуваат глобална закана и дека е потребна „силна акција“ за нивно сузбивање.

И нуклеарната централа во Запорожје која е под контрола на руската армија, го изгуби напојувањето на повеќе од една недела.

Зеленски за тоа ја обвини Русија, додека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека централата била бомбардирана од Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ