Кога веста се рашири, еден од војниците праша: „Од кого?“ и се насмеа, изразувајќи сомнежи во тоа кого всушност го поддржуваат САД. Но во реалноста, војниците не ги следат постојано вестите. По три и пол години, војната има своја сопствена динамика, технологија и распоред.
Набргу потоа, група војници со бомбашки дрон тргнаа во ноќта. Дронот е склопен на работ на поле каде што бујат сончогледи. Вметнаа две експлозивни направи од по 3,5 кг, потоа ги закачија крилата и носот, пред да го лансираат дронот од катапулт. Потоа, брзо, време е за пакување и заминување. „Најопасното време е по лансирањето“, вели еден член на екипажот за Гардијан, плашејќи се дека Русите би можеле да го забележат дронот брзо по полетувањето.
На хоризонтот, што и да дискутираат политичарите, нема знаци за смирување на борбите. Украинскиот град Добропиља, кој сега е бомбардиран од Русите, е оддалечен околу 10 километри. Во еден момент, во далечината се гледаат низа портокалови блесоци. Подоцна, на ведрото небо се гледаат светкави куршуми – судејќи според локацијата, веројатно од Украинците што се обидуваат да соборат руски дрон.
Во вторникот наутро стигнува вест дека едно лице е убиено, а тројца се повредени во Добропиља; уште три лица загинале, а четворица се повредени во Костјантинивка, град на 50 километри на исток, кој е во опасност да биде опколен.
Руските војници во последните 24 часа извршија 67 напади во областа во близина на Добропиља. 150-тиот баталјон на Украина се обидува да ги спречи руските напори и да ја уништи нивната логистика пред очекуваната есенска офанзива.

Командантот на баталјонот, Денис Брижатиј, 32-годишен поранешен студент по право, вели дека не е заинтересиран за политика кога го прашуваат дали постои цена што Украина треба да ја плати за да обезбеди мир. Но притиснат, одговара дека предавањето на остатокот од регионот Доњецк може да биде долгорочна катастрофа за Украина.
„Губењето на регионот Доњецк, област што е силно утврдена, само ќе отвори нови правци за понатамошно руско напредување – Харков, Дњепропетровск, Запорожје, кои не се добро утврдени. Ова би било огромна и ужасна загуба на позиции“, предупредува Брижатиј.
Возејќи низ регионот, видливи се нови ровови, втора линија на одбрана против бавното руско напредување, исполнети со бетонски „змејови заби“ и боцкава жица. Сето ова би завршило во руски раце доколку се прифати барањето на претседателот Владимир Путин.
Дронот ерпласт, кој го користи оваа украинска единица, се користи за напади врз згради на оддалеченост и до 40 километри. Летот на дронот е однапред програмиран и секоја ноќ екипажот на дронот може да изведе шест мисии, при што целите претходно во текот на денот ги избира друга единица од 150-от баталјон, врз основа на посебни мисии за извидување со дронови спроведени од војници во истиот баталјон.
Доцна попладнето, дневниот екипаж тргнува со германски дрон вектор. Тие се движат брзо колку што дозволуваат лошите патишта, пристигнувајќи во внимателно изградено бетонско засолниште, кое е тешко да се види сè додека не се приближите до него.
За лансирањето е потребно повеќе од половина час подготовка: прво воспоставување интернет-врска преку Старлинк, потоа се поврзува базната станица за дронот, пред конечно вектор да изврши вертикално полетување. По неколку секунди, тој повеќе не се слуша.
Еден член на екипажот има задача да ги следи сигналите на руските ФПВ (first-person-view) дронови, од кои најмногу се плаши бидејќи нивните пилоти се вешти во управување експлозивни летала што со голема брзина ги насочуваат кон луѓе и возила. Малиот екран повремено испушта зуење, што значи дека дронот е во близина.
Ако се појави слика, тоа значи дека непријателскиот дрон е блиску, бидејќи секоја страна може да ги види ФПВ-преносите на другата страна. Во еден момент, се чини дека украинските војници се откриени. Следува брзо трчање во бункерот, но потоа заканата исчезнува.

Неколку члена на екипажот ги анализираат снимките од вектор. Снимките се со исклучителен квалитет. „Објективот чинеше 30.000 долари“, објаснува водителот Кирило. Пилотот користи небрендиран иксбокс-контролер. Кога ќе се забележи цел од интерес, таа може да се таргетира и да се заклучи.
„Војувањето постојано драматично се менува; мора да бидеме повнимателни и да се адаптираме уште побрзо“, вели Кирило, кој се бори против Русите од 2014 година, кога украинската армија беше во хаотична состојба.
Воопшто не е неочекувано тоа дека украинската армија не смета дека е на работ на пораз, вели Гардијан. Пума (украинската војска дозволува само употреба на воени прекари или имиња), војник од Луганск, кој сега е под руска окупација, преживеал два истрели во градите за време на извидувачка операција во 2016 година, а животот му го спасил панцирот. Тој сè уште е вклучен во најопасната форма на извидување против руските напаѓачи: на терен.
Пред околу една недела, Пума учествувал во обид да открие руски инфилтратори што ги пробиле линиите во близина на Добропиља. Неколку села беа исчистени, вели тој, но еден соборец беше убиен кога граната фрлена од Русин отскокна од дрво – потсетник дека и покрај сите иновации со беспилотни летала, војната останува тешка.
Пума вели дека дипломатските дискусии за него се одвлекување на вниманието. Неговиот соборец Оптимус е уште поотворен: „Која е поентата да ѝ го предадеме Доњецк на Русија? По сите наши жртви, луѓето што ги загубивме? Ако сакавме да се предадеме, можевме да се предадеме веднаш кога почна војната.“






