Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата Икс рече дека ако Русија „навистина сака мир“, треба веднаш да ги прекине борбите.
„Зошто да чекаме до 8 мај? Ако пукањето може да престане сега и тоа да продолжи непрекинато најмалку 30 дена, тоа би покажало дека прекинот на огнот е реален, а не само за парадирање“, напиша Сибиха. Тој додаде дека Украина е подготвена да поддржи траен, стабилен и целосен прекин на огнот, што, нагласи, постојано го предлага.
„Украина е подготвена да поддржи траен, издржлив и целосен прекин на огнот. И тоа е она што ние постојано го предлагаме, најмалку 30 дена“, додаде тој.
Белата куќа: „Трамп сака постојан, а не привремен прекин на огнот“
Американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека сака траен прекин на огнот во Украина, а не привремен прекин на борбите, изјави портпаролката на Белата куќа Каролина Левит веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин објави тридневен прекин на огнот од 8 до 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Претседателот сака да види траен прекин на огнот што ќе ги запре убиствата и крвопролевањето“, рече Левит. Таа додаде дека Трамп „останува оптимист“ за можноста за постигнување договор, но дека е „сè повеќе фрустриран од лидерите на двете страни“, кои, како што рече, „треба да седнат на маса и да преговараат за излез од конфликтот“.
Левит, исто така, нагласи дека неодамнешната средба на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски во базиликата Свети Петар покажала дека Трамп „сака повторно да биде претседател кој ќе донесе мир, како што беше во неговиот прв мандат“.