Земјите од Персискиот залив потрошија големи количества скапи ракети за да се спротивстават на иранските беспилотни летала и побарале помош од Украина. Киев тврди дека секоја вечер соборува руски беспилотни летала користејќи различни оружја, вклучувајќи поевтини и помали беспилотни летала и опрема за блокирање.
„Испративме три професионални, добро опремени тимови на Блискиот Исток“, кажа Зеленски, без да даде детали.
Неговиот советник за комуникации кажа дека украинските експерти веќе се распоредени во американската воена база во Јордан.
Зеленски додаде дека присуството на украински експерити е клучно за ефикасноста на операциите за пресретнување беспилотни летала. „Без нашата војска, нашите оператори, нашиот софтвер… пресретнувачите едноставно не работат“, изјави тој.
Откако Соединетите Американски Држави и Израел ја почнаа војната против Иран на 28 февруари, Украина се обиде да го наметне своето долгогодишно искуство во борбите против Русија, која користи ирански беспилотни летала „шахед“.
Киев тврди дека Русија, која сега самата ги произведува, досега лансирала повеќе од 57.000 вакви дронови во Украина.
Ројтерс минатата недела објави дека САД и Катар сакаат да купат дронови-пресретнувачи од Украина како многу поевтина алтернатива на ракетите за соборување на „шахед“.
На прашањето што би добил Киев за возврат за распоредувањето на специјализирани тимови, Зеленски одговори дека Украина првенствено бара противвоздушни ракетни системи.






