Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе им наплаќа на компаниите 100.000 долари годишно за привремени работни визи Х-1Б, потег што би можел да нанесе сериозен удар на технолошкиот сектор кој во голема мера се потпира на експерти од Индија и Кина.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп воведе голем број мерки против имиграцијата, а некои од неговите потези беа насочени кон ограничување на одредени форми на легална имиграција во САД. Најавената реформа на програмата за визи Х-1Б е најзначајниот обид на администрацијата на Трамп за реформа на системот за привремени работни визи.
Тој тврди дека некои работодавци ја искористиле програмата за да ги намалат платите.
„Ако сакате да обучувате некого, тоа ќе бидат луѓе кои неодамна дипломирале на некои од одличните универзитети низ нашата земја. Обучувајте ги Американците. Престанете да носите луѓе кои ни ги одземаат работните места“, изјави министерот за трговија Хауард Латник.
Некои работодавци ја користат програмата за привремени работни визи за да ги намалат платите, нанесувајќи им штета на американските работници, се наведува во извршната наредба потпишана од Трамп во петокот, пренесува Хина.
Бројот на странски работници во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) во САД е повеќе од двојно зголемен во периодот од 2000 до 2019 година, на речиси 2,5 милиони, додека вкупната вработеност во областа на СТЕМ се зголемила за само 44,5 отсто во истиот период, се вели во документот.
„Цената на една виза, која ќе важи три години, ќе биде 100.000 долари годишно“, рече Латник, додавајќи дека владата сè уште ги „разгледува“ специфичните детали за тоа како ќе се спроведува наплатата. Така, новите такси би можеле да ги зголемат трошоците на компаниите за милиони долари, што особено тешко ќе ги погоди помалите технолошки фирми, забележува Ројтерс.
Некои аналитичари предвидуваат дека воведувањето на давачката би можело да принуди некои компании да преселат дел од нивните бизниси со висока вредност во странство, и следствено да ги попречат САД во трката за лидерско место во секторот за вештачка интелигенција.






