Главната обвинителка на војската Јифат Томер-Јерушалми, во писмото за оставка минатата недела навела дека го одобрила објавувањето на видеото за да ги ублажи нападите врз воените истражители и обвинителите кои работат на тој случај, објави Гардијан.
Десничарските политичари и коментатори ги поздравија уапсените војници како „херои“, ги нападнаа воените истражители како предавници и побараа да се отфрлат обвиненијата против војниците.
Томер-Јерушалми сега е уапсена под сомнение за измама и кршење на довербата, злоупотреба на службената должност, попречување на правдата и откривање на службени информации, објавија израелските медиуми.
Во јули 2024 година, обвинителите извршиле рација во воениот притворен центар Сде Тејман, кој стана озлогласен по тортурата, и привеле 11 војници на испрашување.
Тие беа осомничени за насилен напад врз Палестинец од Газа, вклучително и силување. Според обвинението, жртвата била хоспитализирана со повреди меѓу кои скршени ребра, прободено белодробно крило и оштетување на ректумот, по што Томер-Јерушалми отворила истрага.
Владата, како и крајно десничарските политичари и коментатори, ја обвинија дека го нарушила угледот на Израел во светот со отворањето на случајот и објавувањето на снимката.
„Инцидентот во Сде Теиман предизвика огромна штета на угледот на државата Израел и на Израелските одбранбени сили (ИДФ)“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштение во неделата. „Ова е можеби најтешкиот удар врз јавниот имиџ на државата Израел од нејзиното основање“.






