петок, 19 декември 2025

Уапсен Украинец поради саботажата на гасоводот Северен тек (ВИДЕО)

Италијанската полиција уапси Украинец осомничен за координирање на нападот врз гасоводот Северен тек во септември 2022 година, изјави денес главниот германски обвинител, додавајќи дека тој ќе биде изведен пред германски судија по префрлањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И Русија и Западот ги сметаа експлозиите за чин на саботажа и никој никогаш не ја презеде одговорноста за тешко оштетениот гасовод кој транспортира гас од Русија до Европа, што беше голема ескалација на конфликтот во Украина и ја интензивираше кризата со снабдувањето на континентот со енергенси.

Осомничениот, идентификуван само како Серхиј К. според германските закони за приватност, наводно бил дел од група луѓе кои поставиле експлозивни направи на гасоводот во близина на данскиот остров Борнхолм во септември 2022 година, според соопштението на обвинителството.

Тој и неговите соучесници го напуштиле Росток на североисточниот брег на Германија со едрилица за да го извршат нападот, се наведува во соопштението, додавајќи дека бродот бил изнајмен од германска компанија со помош на фалсификувани документи за идентификација преку посредници.

Властите дејствувале врз основа на европска потерница, а осомничениот се соочува со обвиненија за заговор за предизвикување експлозија, неуставна саботажа и уништување. Карабињерите го уапсиле синоќа во покраината Римини на италијанскиот брег на Јадранското Море, според соопштението од канцеларијата на германскиот обвинител.

Италијанската полиција сè уште не го коментираше апсењето.

Северен тек беше систем на подводни гасоводи кој ги поврзуваа Русија и Германија преку Балтичко Море, клучен за снабдување со природен гас на голем дел од Европа. Првиот гасовод, Северен тек 1, беше отворен во 2011 година и со години беше главен канал преку кој Газпром испраќаше руски гас до Европската Унија, додека Северен тек 2 беше изграден, но никогаш не беше пуштен во употреба поради војната во Украина и санкциите.

Овие проекти ѝ овозможија на Германија директно да купува руски гас, заобиколувајќи ги транзитните земји како Украина и Полска, и со тоа имаа голема геополитичка тежина.

Во времето на саботажата во септември 2022 година, Европа веќе се обидуваше да ја намали својата зависност од руските енергетски извори, но Северен тек сè уште ја симболизираше врската помеѓу рускиот гас и европската економија.

Експлозиите, кои сериозно ги оштетија цевките, дополнително ја продлабочија енергетската криза, ги зголемија цените на гасот и ги поттикнаа политичките дебати за безбедноста на европската инфраструктура. Саботажата го означи драматичниот крај на ерата на енергетска соработка помеѓу Европа и Русија, оставајќи долготрајни последици за европската енергетска политика и безбедноста на снабдувањето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ