сабота, 10 јануари 2026

Уапсен сопственикот на швајцарскиот бар во кој загинаа 40 млади луѓе (ВИДЕО)

Уапсен е Жак Морети, сопственикот на барот Ле констелејшн во Кран-Монтана, каде што 40 млади луѓе ги загубија животите во пожар на новогодишната ноќ, а уште 116 беа повредени. Неговата сопруга Џесика Морети е ослободена по испрашувањето. Одлуката за апсење ја донесе обвинителството во Сион поради ризик од бегство, пишуваат италијанските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сопружниците Морети, француски државјани од Корзика, беа испрашувани утрово во Сион по обвинение за убиство, ранување и подметнување пожар од небрежност. По испрашувањето кое траело повеќе од шест часа Жак Морети бил одведен со полициско возило, додека неговата сопруга Џесика го напуштила обвинителството во придружба на адвокат.

„Моите мисли секогаш се со жртвите. Тоа е незамислива трагедија и се случи токму во нашиот бар. За тоа сакам да се извинам“, кажа таа плачејќи.

Промената во пристапот на обвинителите дојде откако беше откриено дека двојката избришала голем број видеа од социјалните медиуми поврзани со трагедијата. Ризикот од уништување на доказите, заедно со ризикот од бегство, ги натера властите да го извршат апсењето. Обвинителството истакна дека Морети е француски државјанин, а Франција не дозволува лесна екстрадиција.

Адвокатите кои ги застапуваат семејствата на жртвите го изразија своето незадоволство од досегашната истрага. „Очекуваме дека нашите клиенти, семејствата, ќе добијат одговори, дека ќе се чувствуваат сослушани и дека ќе бидат утврдени сите одговорности, од А до Ш“, кажа Ромен Жордан, еден од адвокатите.

Неговиот колега Себастијан Фанти беше уште поостар, критикувајќи ја одлуката да не се уапсат Морети порано. „Требаше веднаш да бидат уапсени за да можат да се соберат сите докази и да се додадат во досието. Тоа беше колосална грешка. Доказ е што успеаја да деактивираат дел од нивната веб-страница и да избришат содржина од социјалните мрежи што би можела да биде корисна“, изјави Фанти за швајцарската телевизија РТС.

Во меѓувреме, обвинителството во Рим започна сопствена истрага за смртта на шесте италијански државјани и нареди обдукции на нивните тела, што швајцарските власти не го направија пред репатријацијата. Оваа одлука ќе им овозможи на семејствата на жртвите да ја видат документацијата и да учествуваат во постапката. И обвинителствата во Брисел и Париз почнаа свои истраги за смртта на нивните граѓани.

Вчера се појави информација дека безбедносните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи каса со пари во рацете.

Сведоци исто така кажале дека сопственичката бегала цврсто со касата во рацете додека гостите биле зафатени од пламен. Затоа полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, секако вклучувајќи ги и оние од безбедносните камери кои првенствено го покривале влезот во барот.

Според досегашните информации, Морети била во клубот со својот син од првиот брак, кој бил и раководител на персоналот, во времето на пожарот, а самата претрпела изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и ко-сопственик на клубот Жак во тоа време бил во друг бар.

Снимките од уличните камери наводно го покажуваат драматично различното однесување на мајката и синот. Додека младиот човек внатре се обидувал да ги скрши панелите од плексиглас на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа се појавила на видеото како трча на улицата со каса во рака.

Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детаљ би можел значително да ја влоши правната положба на сопственичката. Таа и нејзиниот сопруг Жак се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување повреда и предизвикување пожар, а сопственичката на барот сега би можела да се соочи и со обвинение за непружање помош.

Обвинителката Беатрис Пилу исто така размислува за зголемување на обвинението на можна умисла за двајцата осомничени. Неколку елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали кои се користат за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосното отсуство на систем за противпожарна заштита и апарат за гасење пожар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ