сабота, 7 март 2026

Тврдокорните клерици повикаа на брз избор на нов врховен водач на Иран

Тврдокорните клерици повикаа на брз избор на нов врховен водач за да помогне во управувањето со Иран, објавија денеска иранските медиуми, додека Исламската Република се соочува со нов бран американски и израелски напади, пренесува агенцијата Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тие повици укажуваат дека на дел од верскиот естаблишмент можеби му е непријатно власта да остане во рацете на тричлениот совет што привремено го презеде управувањето по убиството на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој го имаше последниот збор во сите државни прашања, наведува Ројтерс.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, претходно изјави дека САД треба да имаат улога во изборот на новиот водач, што Иран го отфрли.

Иранските медиуми денеска го цитираа ајатолахот Хосеин Мозафари, еден од членовите на 88-членото Собрание на експерти — верско тело задолжено за избор на следниот водач — кој изјави дека собранието би можело да се состане во следните 24 часа за да донесе одлука.

Не беше јасно дали тоа би подразбирало состанок во живо. Извори наведуваат дека некои клерици претходно одржувале консултации онлајн.

Изјавата на Мозафари следуваше по претходни коментари на тврдокорните клерици, кои побараа брза одлука.

Големиот ајатолах Насер Макарем Ширази, чија титула значи дека ужива широко следбеништво кога станува збор за неговите верски одлуки, изјави дека именувањето е потребно брзо за да се „помогне подобра организација на државните работи“, пренесоа државните медиуми.

Минатата недела двајца високи шиитски верски авторитети исто така издадоа фатви, односно верски декрети, повикувајќи ги муслиманите низ светот да го одмаздат убиството на Хамнеи. Макарем Ширази изјави дека тоа е верска должност на муслиманите „додека злото на овие злосторници не биде искоренето од светот“.

Големиот ајатолах Хосеин Нури Хамедани исто така ги повика членовите на Собранието на експерти да го забрзаат процесот на избор на наследникот на Хамнеи, пренесоа државните медиуми.

Според правилата утврдени во иранскиот устав, тричлен совет составен од претседателот, висок клерик и шефот на правосудството ја презеде улогата на врховен водач додека собранието не донесе одлука.

Уставот предвидува врховниот водач да биде избран во рок од три месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ