четврток, 19 март 2026

Туск на годишнината од упадот на СССР во Полска: Денес не сме сами како тогаш

Полскиот премиер Доналд Туск, на 86-годишнината од инвазијата на советските трупи на 17 септември 1939 година, кога Германија на Хитлер и Советскиот Сојуз на Сталин (СССР) ја поделија Полска, изјави дека денес неговата земја не е толку осамена како што беше тогаш.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Научивме лекција, мудра лекција. Херојството на војниците не беше доволно тогаш, Полска остана осамена на сцената на трагедијата на Европа од 20 век. Денес, сè е поинаку. Полска има сојузници, не е сама. Благодарение на напорите на владата во последните години, полската армија наскоро ќе биде најголемата во Европа“, кажа Туск, положувајќи венец на гробиштата на војниците од Корпусот за гранична заштита, во градот Витично на истокот од земјата.

Тој потсети дека „стои близу до границата со Белорусија“, од која дел од вкупно најмалку 19 беспилотни летала паднаа длабоко во воздушниот простор на Полска кон средината на минатата недела, и апелираше до Полјаците да не дозволат Русија да внесува раздор меѓу нив.

„Мораме да истраеме обединети, не смееме да дозволиме поделба, бидејќи гледаме дека нападот со беспилотни летала имаше за цел да внесе хаос во нашите умови и срца. Полската армија е тука да нè брани и сите мора да застанеме покрај полската армија без дискусија“, кажа Туск.

На денешен ден, во зори на 17 септември 1939 година, повеќе од 600.000 војници на Црвената армија со 4.700 тенкови, врз основа на таен додаток на пактот Рибентроп-Молотов меѓу Хитлерова Германија и Сталиновиот СССР, ги преминаа источните граници на Полска и, окупирајќи ги тие области заедно со Вермахтот, ја поделија Полска.

Тогаш беа уапсени 200.000 Полјаци, десетици илјади офицери, полски воени затвореници беа одвлечени во логори на советска територија, а подоцна НКВД, по одлука на врвот на Кремљ, стрелаше речиси 22.000 воени затвореници во Катинската шума кај Смоленск и на други места на територијата на денешна Белорусија и Украина.

Околу 1,3 милиони Полјаци беа депортирани од нивната татковина во Сибир.

На оваа годишнина, Полското радио објави обемна репортажа за штетата нанесена од СССР на Полска, не само за време на Втората светска војна, туку дава и пресметка за тоа што Полска, со одлука на сојузниците, се преселила на запад и останала без територии во денешна Белорусија и Украина, како и за четирите децении кога беше сателит на Советскиот Сојуз.

Аналитичарите за Полското радио проценија, ставка по ставка, дека Полска била оштетена на еден или друг начин за 12,9 илјади милијарди долари, што е многу пати повеќе од околу 1,6 илјади милијарди долари, што претходната полска влада го процени како износ на штета за која Германија треба да плати воени репарации.

Во извештајот, меѓу другото, е проценета изгубената вредност на работата што убиените Полјаци можеле да ја припишат во БДП, имотот што СССР го украл од окупираните територии, БДП на источните територии анектирани од СССР по војната за периодот од 1945 до 1989 година.

Во проценката е вклучена и вредноста на имотот и цели фабрики што победничките сили ѝ ги доделиле на Полска на германските територии што ги добила како компензација за својата територија во Украина и Белорусија, а кои СССР ги демонтирал и транспортирал во 214.000 вагони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ