четврток, 15 јануари 2026

Туск: Европа не ни може да има план за таква катастрофа како напад на САД врз Гренланд

Полскиот премиер Доналд Туск денеска соопшти дека Полска нема да испраќа војници на Гренланд за да ѝ помогне на Данска, иако е солидарна со неа, предупредувајќи дека обидот една членка на НАТО да окупира територија на друга членка би претставувал катастрофа од апокалиптични размери, за која Европа не ни може да има подготвен план.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Политички, а и за нас, тоа би било катастрофа. Судир, обид за окупација на територија на една членка на НАТО од страна на друга членка на НАТО – тоа би било крај на светот. Крај на светот каков што го познаваме и кој со години ни гарантираше безбедност“, изјави Доналд Туск на прес-конференција пред седницата на владата во Варшава.

Полскиот премиер потсети дека за време на неговиот мандат како претседател на Европскиот совет имал многу средби со американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот прв мандат, и формални и неформални, поради што знае дека Трамп сака да биде непредвидлив и затоа ни сега не го исклучува најцрното сценарио.

„Што се однесува до Европа, за вакви ситуации план не ни постои. Ќе направам сѐ за Европа да остане солидарна, бидејќи нашата безбедност зависи од солидарноста на Европската Унија и НАТО. Свесен сум и каде се границите на трансатлантските односи како темел на западната цивилизација. САД, Европа, Канада – ако тоа се разниша или пропадне, ќе треба да бидеме подготвени за изградба на нова безбедносна архитектура со оние што ќе му останат лојални на проектот на безбедноста на Западот“, изјави Туск.

Тој денеска соопшти и дека кон крајот на декември Полска успеала да одбие сајбер напади врз енергетската инфраструктура, ветерните фарми и топланите, кои, доколку успееле, ќе оставеле без греење околу половина милион Полјаци.

„Нема цврсти докази, но сѐ укажува дека нападите ги извршиле групи директно поврзани со руските служби“, рече Туск.

Полскиот премиер додаде дека, имајќи предвид дека полскиот енергетски систем е поврзан и со украинскиот, кој трпи невиден притисок за време на руските напади, Полска може да очекува уште посериозни обиди за дестабилизација на нејзиниот енергетски систем. Тој апелираше до претседателот на Полска да не става вето на новите мерки што владата ги подготвила во интерес на енергетската безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ