понеделник, 23 март 2026

Туск: Да слушнат и во Будимпешта, ние во Полска разликуваме кој е сојузник, а кој е непријател

Полскиот премиер Доналд Туск денес беше во Лоѓ и им порача на Москва и Будимпешта дека нема судир на интереси меѓу земјите од НАТО, и дека и во Вашингтон и во Европа веќе знаат дека Варшава е лојален и сигурен сојузник, но и сојузник кој бара, и дека многу добро разликува кој е вистински сојузник, а кој е непријател.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нека допре до Вашингтон, Москва, европските престолнини, нема судир на интереси меѓу членките на НАТО. Полска, Европа и САД се едно семејство. Нека се чуе насекаде, вклучително и во Будимпешта. Ние во Полска знаеме кој е вистински сојузник. Знаеме да правиме разлика помеѓу сојузници и непријатели“, рече Туск на церемонијата на потпишувањето на американската програма во која се инвестирани околу 300 милиони долари во центарот за сервисирање на американските борбени хеликоптери „апачи“.

Поради негодувањето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека новата европска програма за заеми САФЕ за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија во Европската Унија, каде што Полска е најголем корисник со одобрени 44 милијарди евра, се однесува само на европско оружје, а не и на американско, Туск рече дека полската влада ќе продолжи да купува оружје и од САД.

„Сакам да им кажам на Американците дека благодарение на заемот од програмата САФЕ, ќе можеме да ослободиме средства од буџетот за да продолжиме со работата и набавката на оружје од САД“, рече Туск.

Во 2024 година, Полска потпиша договор за купување на 96 хеликоптери „апачи“ за 10,8 милијарди долари.

Полската армија ќе има најголема флота од овие хеликоптери по САД, и иако работата ја започна претходната конзервативна влада на партијата „Право и правда“, преговорите се одолговлекоа бидејќи владата на Туск инсистираше договорот да вклучува и компензациски програми и инвестиции, така што ќе има центар за сервисирање на радарите и моторите на овие хеликоптери во Лоѓ.

„Мило ми е што сите почнуваат да разбираат дека Полска не е само одговорен, лојален и сигурен сојузник, туку и сојузник кој бара, бидејќи односите ги темели на вистината и меѓусебните интереси“, рече Туск.

Во Полска, во последните денови избувна отворен конфликт меѓу националистичкиот полски претседател Карол Навроцки и владата, бидејќи шефот на државата стави вето на законот за заеми САФЕ, бидејќи наводно ја прави Полска зависна од каприците на Брисел, а Германија заработува од него, иако владата на Туск одвои речиси 90 проценти од парите за полската одбранбена индустрија и армија.

Навроцки, кој е поддржувач на американскиот претседател Трамп и поддржувач на движењето МАГА, беше вознемирен и од фактот дека овие средства не можат да се користат за купување американско, туку само европско оружје.

Владата има овластување да го земе заемот и покрај ветото на претседателот, што и го прави, но спорот беше дополнително продлабочен со ненадејната одлука на претседателот Навроцки да замине пред изборите за да го поддржи унгарскиот претседател Виктор Орбан на состанок на Фракцијата на патриоти од Европскиот парламент денес во Будимпешта.

„Учеството на претседателот Навровски на состанок на проруски и евроскептични политичари е фатална грешка и потврдува опасна стратегија за ослабување на Европската Унија и зајакнување на рускиот претседател Владимир Путин“, рече Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ