Туск им кажа на полските новинари за време на паузата на самитот дека лидерите на земјите од ЕУ постигнале неофицијален договор дека руските средства замрзнати во Европа ќе бидат искористени за помош на Украина и дека сега претстојат повеќечасовни болни преговори за техничките детали и гаранции за земјите, првенствено Белгија, кои би можеле да бидат погодени од руската одмазда.
„Направен е чекор напред. Нема повеќе приказни а зошто, па премногу е ризично. Сите велат океј. Проблемот со користењето на руските средства во корист на Украина треба некако да се реши. Тука владее слога“, оцени Туск.
Другата опција која ја заговараат некои земји кои не сакаа да користат руски средства за заем за Украина, односно ЕУ да земе заем за Украина, според полскиот премиер, е дочекана со помалку ентузијазам од опцијата со руските средства.
„Најважно во сегашната ситуација е да ѝ се помогне на Украина, односно да се заштити Украина од капитулација, да се обидеме да ја спречиме Русија да добие стратегиска надмоќ и над нас. Полската независност ќе биде поткопана ако се покаже дека Украина ќе мора да капитулира поради лошите европски одлуки или отсуство на одлуки“, кажа Туск.
Пред почетокот на самитот Туск упати кратка порака на социјалните мрежи: „Се соочуваме со едноставен избор – или пари денес или крв утре“.
За време на самитот Туск им рече на полските новинари дека парите за Украина, а можеби и од руските замрзнати средства, ја пренасочуваат војната од границите на Полска и ЕУ.
„Сите се согласуваат дека вреди да се обидеме. Би било добро и фер Европа да ги користи руските средства во корист на Украина, но некои земји се борат да ги максимизираат гаранциите кои ќе ги добијат“, кажа Туск.
Полскиот премиер потсети дека Украина е под притисок и од Русија и од САД и дека задачата на Европа е да ја одбрани од тие притисоци кои би можеле да ја турнат Украина кон опцијата за капитулација и дека замрзнатите руски средства би ѝ дале на Европа инструмент за заштита од тие притисоци.
„Русија не може да направи ништо во врска со тоа, мора да го прифати тој факт. Тоа би бил инструмент што малку би ги избалансирал преговорите меѓу Русија и Украина. А прашањето е зошто е подобро да се користат руски, а не европски средства? Зошто треба да плаќаме за обновата на Украина кога беше бомбардирана и уништена од Русите? Значи, постои политички, но и морален аспект. Кој нападна, кој уништи, треба да плати“, смета Туск.






