недела, 7 декември 2025

Турските власти: Два танкери се запалија во Црно Море откако биле погодени

Два танкера беа погодени вчера во Црно Море, по што се запалија, објавија турските власти, а извештаите покажуваат дека членовите на екипажот на двата брода се безбедни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во базата на податоци Опен санкшнс, која вклучува поединци или организации вклучени во избегнување на санкции, двата танкера се опишани како дел од руската „флота во сенка“, термин за бродовите кои ги користи Москва за да ги избегне санкциите воведени поради нејзината инвазија на Украина.

Турските власти објавија дека танкерот Каирос, кој пловел празен под гамбиско знаме кон руското пристаниште Новоросијск, се запалил кога бил на 45 километри од брегот на турската покраина Коџаели. Турските власти обвинија „надворешно влијание“ за пожарот, без да дадат детали.

Околу еден час подоцна, турските власти објавија дека втори танкер, Вират, бил погоден во Црно Море, кога бил на 65 километри од турскиот брег. Тие не дадоа други детали.

Турските власти соопштија дека сите 20 членови на екипажот на Вират се безбедни, иако е пријавен силен чад во машинската просторија.

Гувернерот на покраината Коџаели, Илхами Акташ, изјави дека сите 25 членови на екипажот на Каирос се безбедно евакуирани.

Акташ не сакаше да коментира што ги предизвикало пожарите или дали танкерите можеби биле погодени од морски мини, но кажа дека властите ќе објават „појасна изјава“ откако ќе заврши истрагата.

Во јануари САД го ставија танкерот Вират на „црната листа“, а истото го направија и Европската Унија, Швајцарија, Велика Британија и Канада, според податоците од веб-страницата Опен санкшнс. Танкерот Каирос е под санкции на ЕУ, Велика Британија и Швајцарија од ова лето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ