Инцидентот, еден од неколкуте во последните месеци во кои биле вклучени бродови под западни санкции на пат кон или од руските пристаништа, се случил во раните утрински часови, изјави Уралоглу за телевизијата Канал 24.
Сите 27 членови на екипажот се безбедни, кажа тој, додавајќи дека крајбрежната стража е испратена кон бродот Алтура, кој се наоѓа на околу 18 наутички милји (33 километри) од Босфор, клучен превозен пат кој ги поврзува Црно Море со Мраморно и Средоземно Море.
Нападот, кој се случил непосредно надвор од турските територијални води, веројатно имал за цел да ја онеспособи машинската просторија на бродот под знамето на Сиера Леоне, кој превезувал руска нафта, кажа Уралоглу.
Податоците за следење на бродовите и Рефинитив АИС покажале дека Алтура го напуштил руското пристаниште Новоросијск со околу еден милион барели сурова нафта и изгледало дека е речиси целосно натоварен.
Бродот е под санкции на Европската Унија и Британија. Црно Море го делат Русија и Украина, кои се во војна повеќе од четири години, како и други земји.
Кон крајот на минатата година цените на осигурувањето на бродовите се зголемија откако украински поморски дронови погодија танкери кои пловеа кон Русија во Црно Море, што ја натера Москва да се закани со одмазда, а членката на НАТО Турција да повика на смирување на ситуацијата.
Нема коментар за инцидентот од Москва и Киев.
Според податоците на Рефинитив, регистриран сопственик на последниот погоден брод е кинеската компанија Си грејс шипинг лимитед, а управител е турската компанија Пергамон.
Ројтерс не можел веднаш да стапи во контакт со Пергамон.
Телевизијата НТВ претходно извести за експлозија на командниот мост на бродот и продирањето на вода во машинската просторија, по што екипажот побарал помош од турските власти.






