недела, 7 декември 2025

Турски обвинител бара 2000 години затвор за главниот политички противник на Ердоган

Турски обвинител побара 2.000 години затвор за градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу за наводно водење на огромна корупциска мрежа која ја чинела државата милијарди долари, според обвинението во кое имал увид Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Главниот обвинител на Истанбул Акин Гурлек го објави обвинението на прес-конференција, велејќи дека во него се вклучени 402 осомничени, вклучувајќи го и Имамоглу, кој е обвинет за основање криминална организација, поткуп, измама и местење јавни набавки.

Гурлек кажа дека за десет години на државата ѝ нанеле загуби од 160 милијарди лири (3,8 милијарди долари).

Адвокат на партијата на Имамоглу кажа дека обвинувањата се неосновани и дека ќе ги оспори на суд.

Имамоглу, главниот политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, претходно ги негираше сите обвинувања и кажа дека се политички мотивирани.

Градоначалникот е во затвор од март каде што чека судење за корупција, а во јули доби посебна затворска казна за навреда и заканување на главниот обвинител на градот. Тој поднесе жалба и против таа пресуда.

Истанбулските обвинители побараа од највисокиот апелационен суд во Турција да отвори и постапка за затворање на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), тврдејќи дека е нелегално финансирана.

Од минатата година ЦХП се соочува со невидена правна битка за која вели дека е политички мотивирана, што владата го негира.

Во текот на изминатите девет години, од неуспешниот пуч во 2016 година, 390.354 лица се приведени за разни дела поврзани со тероризам, од кои 113.837 се уапсени и се во затвори, објави агенцијата Анадолу на 14 јули, годишнината од пучот, повикувајќи се на податоци од антитерористичкиот оддел на полицијата.

Чистката беше спроведена во сите слоеви и пори на општеството, вклучувајќи воени офицери, полицајци, државни службеници, наставници, академици, судии, обвинители, новинари, претприемачи, па дури и домаќинки.

Високо рангирани офицери, како 216 генерали и повеќе од 15.000 други воени лица, беа приведени заедно со повеќе од 3.700 судии и 1.300 обвинители.

Заедно со масовните апсења, турските судови воведоа мерки за судски надзор, како забрани за патување и задолжително пријавување на властите, за повеќе од 118.000 лица.

По обидот за државен удар Турција веднаш ги укина одредбите од Европската конвенција за човекови права врз основа на член 15 од Конвенцијата, во кој се наведува дека „во време на војна или друга јавна опасност што го загрозува опстанокот на нацијата, секоја договорна страна може да преземе мерки што отстапуваат од своите обврски според Конвенцијата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ