понеделник, 15 декември 2025

Турската стратегија на Балканот: џамии и „инфраструктурниот империјализам“ на Еродган

Џамијата Намазгах во Тирана, главниот град на Албанија, со своите минариња високи 50 метри и простор за околу 8.000 верници, е меѓу најимпресивните исламски места за богослужба на Балканот. Нејзината изградба беше финансирана, меѓу другите, од турскиот верски орган Дијанет со околу 30 милиони евра. Архитектонскиот модел беше истанбулската Ахмедија или џамијата на Султан Ахмед, позната и како Сина џамија, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во октомври 2024 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дојде во Тирана за да ја отвори џамијата, по една деценија изградба. Во таа пригода, тој потпиша договор за соработка со Албанија во областа на земјоделството и образованието, и ѝ подари на земјата неколку дронови од турско производство. На Дијанет му беше обезбедено и влијание во управниот одбор на новата џамија, а беше назначен и турски имам – што предизвика незадоволство во албанското општество.

Пред таа џамија, во Тирана, по падот на комунизмот во 1990 година, веќе беа изградени репрезентативни католичка и православна црква, во 2001 и 2014 година. Под диктаторот Енвер Хоџа, Албанија се прогласи за прва атеистичка држава. Од 1967 година, религиите беа забранети, а сите религиозни институции затворени.

„Примерот со џамијата Намазгах покажува дека Турција се однесува како регионална сила на Балканот и се обидува да го прошири своето влијание преку изградба на џамии. Изградбата на џамии како форма на „мека моќ“ е тесно поврзана со економските, политичките и воените интереси. Сепак, локалните актери имаат одреден простор за маневрирање и го користат“, вели за Дојче веле Натали Клеј, социолог на Високата школа за општествени науки во Париз.

Турција доследно ги застапува своите интереси: од 2017 до 2019 година, работата на џамијата Намазгах беше прекината бидејќи Турција побара од Албанија да екстрадира неколку лица за кои се тврди дека се блиски до движењето на Фетула Ѓулен. По обидот за државен удар во 2016 година, Ердоган го обвини неуспешниот пуч на движењето на сега починатиот свештеник Ѓулен и ги прогонува неговите членови и дома и во странство. Дури откако лицата беа екстрадирани во Турција, изградбата продолжи.

Турција ја замени Саудиска Арабија

Денес Турција е водечки финансиер на изградба на џамии на Западен Балкан. Ова не беше случај во првите години по распадот на поранешна Југославија.

За време на војната во Босна и Херцеговина, од 1992 до 1995 година, околу 600 џамии беа целосно уништени, а стотици други оштетени, според експертот Робин Коње во неговата студија за изградба на џамии во Босна и Херцеговина.

По завршувањето на војната во 1995 година, Саудиска Арабија беше главен спонзор на реновирањето и изградбата на нови џамии во Босна и Херцеговина. Дури по нападите од 11 септември 2001 година и доаѓањето на Ердоган на власт во 2002 година, Турција постепено ја презеде водечката улога.

„Инфраструктурниот империјализам“ на Ердоган

Турција, пак, се смета себеси за наследник на Отоманската империја на Балканот и го истакнува својот статус како регионална сила. Ова не се однесува само на религиозната политика на Партијата на правото и развојот (АКП) на Ердоган.

„Изградбата на џамии е само еден дел од инфраструктурната политика на Турција – не само на Западен Балкан, туку и на Кавказ, Централна Азија, Северна Африка и субсахарска Африка“, вели Ребека Брајант, професор по културна антропологија на Универзитетот во Утрехт.

Изградбата на џамии треба да се гледа во поширок геополитички контекст. Без разлика дали станува збор за железници, пристаништа, хотели или трговски центри – турските инвеститори се присутни во голем обем од Босна и Херцеговина, Грузија и Казахстан, до Северен Кипар и Сенегал. На многу тендери, работните места им се доделени на компании блиски до Ердоган. Брајант го нарекува овој вид политичко влијание „инфраструктурен империјализам“.

Мегапроекти како комплексот во турскиот дел од Никозија, на Северен Кипар, кој Ердоган го отвори во мај 2024 година по пет години изградба – кој вклучува претседателска палата, зграда на парламентот, големи хотели и џамија (која сè уште не беше завршена во времето на отворањето) – претставуваат „геополитички простори во кои Турција ја изразува својата визија за иднината“.

Ердоган тука се потпира на етнички, религиозни или историски сличности и ја користи реториката на „братство“ и „заедничка судбина“ што ја поврзува Турција со овие земји.

„Проектите треба да ја испратат пораката: „Ние сме иднината. Ние сме помодерни од Западот“, објаснува антропологот Брајант.

Така, изградбата на џамии, но не само џамии, е дел од визијата на Турција за иднина во која Западот повеќе не е крајна точка на напредокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ