среда, 31 декември 2025

Турција уапси уште 125 осомничени за членство во Исламска држава

Турските власти денеска ги продолжија операциите низ целата земја против осомничени членови на Исламска држава, во чии рамки беа приведени 125 лица во истовремени рации во 25 провинции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на изминатата недела, полицијата приведе неколку стотици осомничени членови на Исламска држава во рации насочени кон спречување можни напади за време на божиќните и новогодишните празници.

Осомничени членови на ќелија на таа терористичка организација отвориле оган врз полицијата за време на една рација во понеделникот во северозападната провинција Јалова.

Шест осомничени члена и тројца полицајци беа убиени во судирот, додека уште осум полицајци и еден ноќен чувар беа ранети кога безбедносните сили упаднаа во куќа што се користела како скривалиште. Властите соопштија дека сите милитанти биле турски државјани.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека денешните рации биле спроведени во Истанбул, Анкара, Измир, Бурса и Јалова. Исламска држава има извршено низа смртоносни напади во Турција, а еден од најголемите беше пукањето во ноќен клуб во Истанбул за време на прославата на Новата година во 2017 година, при што беа убиени 39 лица.

Турција и во претходните години спроведуваше слични операции од големи размери против осомничени членови. Најновата акција се спроведува во контекст на повторниот подем на таа организација, обележан со неодамнешен напад инспириран од Исламска држава во Австралија и со напади врз американските сили во соседна Сирија.

Американската војска во вторникот соопшти дека овој месец во Сирија биле убиени или заробени речиси 25 оперативци на Исламска држава, по заседа во која беа убиени двајца американски војници и еден американски цивилен преведувач.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ