Изјавата на Фидан доаѓа во време на зголемени тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека Вашингтон испраќа „армада“ во Иран, но дека се надева дека нема да мора да ја користи. Трамп ги повтори предупредувањата до Иран да не ја обновува својата нуклеарна програма и да не користи сила против демонстрантите.
Претходно овој месец Иран брутално ги потисна масовните антивладини протести, во кои беа убиени или уапсени илјадници луѓе. Властите во Техеран ги обвинија „вооружените терористи и бунтовниците“ наводно поврзани со САД и Израел, додека групите за човекови права изјавија дека протестите се најголемите од Исламската револуција во 1979 година.
Во разговор за Ал џезира Фидан нагласи дека Турција се спротивставува на каква било странска интервенција или воен напад врз Иран, предупредувајќи дека „повторното започнување на војната би било погрешно“. Според него, САД прво треба да го затворат прашањето за иранската нуклеарна програма, а дури потоа да се занимаваат со други контроверзни теми.
Доколку сите проблеми се стават во еден пакет, додаде Фидан, тоа би било тешко за Иран да го „свари“ и би можело да изгледа понижувачки, што би го отежнало објаснувањето на таков договор на јавноста и во самата влада од страна на иранското раководство.
САД во јуни бомбардираа нуклеарни објекти на Иран, среде регионалните тензии поврзани со војната во Газа и конфликтот меѓу Израел и Хамас. Преговорите за нуклеарната програма на Иран, за која Техеран тврди дека има чисто цивилна цел, досега не донесоа значаен напредок.
Турција, како членка на НАТО и земја што граничи со Иран, изјави дека е во контакт и со американските и со иранските претставници. Анкара вели дека Иран мора да ги реши своите внатрешни проблеми и предупредува дека секоја дестабилизација на земјата во овој момент би ги надминала капацитетите на регионот. Фидан кажа и рече дека Израел сè уште ја разгледува можноста за напад врз Иран.






