вторник, 9 декември 2025
Аксиос

Трампoвите луѓе го притискале Зеленски по телефон да се откаже од територии

Соединетите Американски Држави го засилиле притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да го прифати брзиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп, кој вклучува значајни територијални отстапки од страна на Украина, изјавиле за Аксиос двајца украински функционери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според нивните зборови, од Киев се бара да прифати загуба на територии и други сериозни отстапки, без притоа да добие цврсти безбедносни гаранции.

Украинската страна смета дека актуелниот американски предлог во клучните делови ѝ оди во прилог на Москва и дека Вашингтон врши далеку поголем притисок врз Зеленски отколку врз рускиот претседател Владимир Путин. Американски функционер го негирал тоа, тврдејќи дека САД подеднакво го притискале и Путин да ги ублажи своите барања.

Во меѓувреме, Зеленски оваа недела разговара со низа влијателни европски лидери, кои му порачуваат дека Украина не мора да попушти ниту пред Путин ниту пред Трамп. Во средиштето на преговорите се две прашања: рускиот услов Украина да ја отстапи целата област Донбас — вклучително и територии што руските сили не ги контролираат — и украинскиот услов за силни американски безбедносни гаранции за спречување на нова руска агресија.

Еден украински функционер изјавил дека понудата на САД дополнително се влошила, од перспективата на Киев, по петчасовниот состанок што минатата недела во Кремљ го одржале Трамповите советници Стив Виткоф и Џеред Кушнер со Путин. Според него, Виткоф и Кушнер во саботниот двочасовен телефонски разговор со Зеленски очекувале брза и јасна согласност со планот.

„Имавме впечаток дека САД на различни начини се обидуваат да ни ја продадат руската желба да го преземе целиот Донбас и дека Американците сакаат Зеленски да се согласи веднаш, во текот на самиот телефонски разговор”, изјавил украинскиот функционер.

Телефонскиот разговор следувал по тридневни интензивни преговори во Мајами меѓу Виткоф, Кушнер и советниците на Зеленски. Иако, според американски и украински извори, бил остварен извесен напредок, не било постигнато поместување во делот за територијалните прашања, ниту за безбедносните гаранции.

Трамп во неделата тврдеше дека преговарачите на Зеленски „го сакаат“ американскиот план и дека бил „малку разочаран“ кога чул дека Зеленски сè уште не стигнал да го прочита.

Трамп тврдеше и дека Русија е „задоволна“ од американскиот предлог, иако руските функционери јавно посочија дека имаат сериозни забелешки.

Според американски и украински извори, Зеленски за време на повикот рекол дека го добил американскиот предлог само еден час претходно и дека не успеал да го прочита. Еден американски функционер рече дека тоа е збунувачко и дека ажурираниот предлог бил испратен ден претходно, додека украинската страна инсистира дека дел од документите навистина пристигнале порано, но дека клучните делови биле доставени непосредно пред разговорот.

Украински функционер рекол дека новиот американски предлог содржи построги услови од претходните, особено во поглед на териториите и контролата врз нуклеарната електрана Запорижја, и дека не дава јасни одговори за безбедносните гаранции.

„Постојат клучни територијални прашања за кои мора дополнително да се разговара: кој што контролира, кој каде останува, кој се повлекува, и ако Украина се повлече од линијата, како да се осигури дека и Русија ќе го стори тоа и нема да продолжи со борбите“, изјавил функционерот.

И покрај тоа, истиот извор тврди дека американската страна се однесувала како да очекува Зеленски за време на телефонскиот разговор едноставно да се согласи со сè. Американскиот функционер возвратил дека актуелниот нацрт е во голема мера обликуван токму врз основа на украинските предлози и дека Кушнер и Виткоф вршеле притисок врз Путин да прифати дел од украинските барања.

Случајот ја покажува длабоката недоверба што тлее меѓу администрациите на Зеленски и Трамп, и покрај долгите и интензивни преговори, вели Аксиос.

Зеленски вчера во Лондон се сретна со лидерите на Обединетото Кралство, Франција и Германија за да покажат заеднички европски став во однос на Трамповиот план.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „во рацете имаме многу адути“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека е „скептичен кон одредени детали во документите што доаѓаат од американската страна“ и нагласи дека нема сомнеж дека Европа стои зад Украина. Зеленски ја продолжува својата турнеја со посети на Брисел и Рим.

Американските и украинските функционери наведуваат дека администрацијата на Трамп го доживеала состанокот на Зеленски во резиденцијата на британскиот премиер како обид за одолжување на преговорите. Украинската страна, пак, смета дека САД се обидуваат да го „одлепат“ Зеленски од европските сојузници за да можат поефикасно да вршат притисок.

„Зеленски не може да донесува вакви драматични одлуки без консултации со клучните европски партнери“, рекол еден украински функционер, додавајќи дека додека САД бараат брза одлука, Европејците советуваат претпазливост и трпение, што создава фрустрации во Белата куќа.

Зеленски изјави дека Украина и европските земји во вторник ќе го испратат својот ажуриран противпредлог до САД. „Русија инсистира да се откажеме од територии. Ние тоа не го сакаме. Токму за тоа се бориме. Американците во моментов бараат компромис“, рече тој.

Паралелно се расправа и за безбедносните гаранции. Еден европски функционер изјави дека сè уште не е јасно каква улога би презеле САД во нивната примена, ниту што очекуваат од европските сојузници. Двајца украински функционери тврдат дека најновиот американски предлог се потпира на „поширока рамка“ од претходните, но дека сè уште не вклучува меѓународен договор ратификуван во американскиот Сенат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ