Гувернерот Ландри во објава на мрежата Икс напиша дека му е чест да служи „на волонтерска позиција за Гренланд да стане дел од САД“. Американскиот претседател додаде дека Ландри разбира колку „Гренланд е клучен за нашата национална безбедност“ и дека ќе ги промовира американските интереси. Ландри, инаку воен ветеран и поранешен полицаец, нагласи дека новата улога нема да влијае врз неговите должности како гувернер на Луизијана.
Ставовите за Гренланд јасно ги изнесе уште во јануари на својот личен профил на Икс: „Претседателот Доналд Џ. Трамп е апсолутно во право! Мораме да обезбедиме Гренланд да им се приклучи на Соединетите Американски Држави. ОДЛИЧНО за нив, ОДЛИЧНО за нас! Да го направиме тоа!“
Откако во јануари се врати во Белата куќа, Трамп го оживеа својот долгогодишен интерес за Гренланд, нагласувајќи ја неговата стратегиска позиција и минералното богатство. Притоа не ја исклучи ни употребата на сила за да обезбеди контрола врз островот — став што ја шокираше Данска, сојузник во НАТО со традиционално блиски односи со Вашингтон.
Гренланд, каде што живеат околу 57.000 луѓе, има широка самоуправа од 1979 година, иако одбраната и надворешната политика и натаму се во надлежност на Данска. Иако мнозинството Гренланѓани ја поддржуваат конечната независност од Данска, анкетите покажуваат дека огромно мнозинство се против припојување кон САД.
Спорот се одвива во време на засилено стратегиско натпреварување на Арктикот, каде што топењето на мразот отвора нови поморски рути и го олеснува пристапот до вредни минерални ресурси.
Положбата на Гренланд меѓу Северна Америка и Европа го прави клучен за безбедносното планирање на САД и НАТО, а островот се наоѓа и на најкратката рута за ракети меѓу Русија и САД. Соединетите Држави таму одржуваат воена база уште од Втората светска војна.






