четврток, 19 февруари 2026

Трамповиот план за Газа: ветени милијарди, отворени клучни прашања

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп денес на првиот состанок на Одборот за мир изјави дека земјите собрале седум милијарди долари за фондот за реконструкција на Газа, кој има за цел да ја обнови енклавата откако Хамас ќе го положи оружјето – цел која сè уште е далеку од постигнување. Разоружувањето на борците на Хамас и истовременото повлекување на израелските трупи, големината на фондот за реконструкција, како и протокот на хуманитарна помош за населението на Газа, кое е разорено од војна, се меѓу клучните прашања што ќе ја тестираат ефикасноста на Одборот во наредните месеци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во серијата најави на крајот од долгото обраќање пред претставниците од 47 земји, Трамп кажа дека Соединетите Американски Држави ќе издвојат 10 милијарди долари за Одборот за мир.

Тој кажа дека земјите-донатори собрале седум милијарди долари како почетна уплата за реконструкција на Газа. Меѓу земјите што дале придонес, ги спомена Казахстан, Азербејџан, Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Бахреин, Катар, Саудиска Арабија, Узбекистан и Кувајт.

Ројтерс забележува дека членството во Одборот вклучува претежно земји од Блискиот Исток, со лидери надвор од регионот кои можеби се обидуваат да ја придобијат наклонетоста на Трамп.

Во основачкото членство на одборот не се вклучени некои клучни западни сојузници на САД, кои се загрижени за обемот на иницијативата.

Трамп го предложи создавањето на одборот во септември, кога го откри планот за прекин на израелската војна во Газа. Подоцна појасни дека мандатот на одборот ќе се прошири надвор од Газа за да се справи со други конфликти низ целиот свет. Трамп кажа дека ФИФА ќе собере 75 милиони долари за проекти поврзани со фудбалот во Газа, додека Обединетите нации ќе издвојат 2 милијарди долари за хуманитарна помош.

Проценките за трошоците за обнова на Газа, која беше сведена на урнатини по две години војна, достигнуваат до 70 милијарди долари, според Ројтерс.

Тој исто така изјави дека Норвешка ќе биде домаќин на настан на Одборот за мир, но Осло потоа појасни дека не се приклучува на тоа тело.

Мировниот одбор вклучува претставници на Израел, но не и на Палестинците. Сугестијата на Трамп дека телото на крајот би можело да се справи со предизвици надвор од Газа предизвика загриженост дека тоа би можело да ја поткопа улогата на Обединетите нации како главна платформа за глобална дипломатија и решавање на конфликти.

„Ќе ги зајакнеме Обединетите нации“, кажа Трамп, обидувајќи се да ги смири критичарите, иако САД доцнат со плаќањето на своите финансиски обврски, истакнува британската агенција.

Атмосферата на настанот потсетуваше на онаа од предизборните митинзи на Трамп, со музика од неговата разновидна плеј-листа, во која беа вклучени Елвис Присли и Бич Бојс. Учесниците добија црвени капи на Трамп.

Средбата се одржа во време кога Трамп се заканува со војна против Иран и спроведува масовно воено засилување во регионот, во случај Техеран да одбие да се откаже од својата нуклеарна програма.

Трамп кажа дека треба да знае во рок од десет дена дали е можен договор. „Мора да имаме суштински договор“, рече тој.

Тој кажа дека неколку земји планираат да испратат илјадници војници како дел од Меѓународните сили за стабилизација, кои би помогнале во зачувувањето на мирот во Газа кога ќе бидат распоредени.

„Првите пет земји се обврзаа да испратат војници да служат во Меѓународните сили за стабилизација (ИСФ) – Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија. Две земји се обврзаа да ја обучуваат полицијата – Египет и Јордан“, кажа командантот на ИСФ, генерал-мајорот на американската армија Џаспер Џеферс.

Џеферс кажа и дека ИСФ ќе почне со распоредување во Рафа, во јужна Газа, каде што ќе ја обучува полицијата, а потоа „ќе се проширува сектор по сектор“.

Долгорочниот план е да се регрутираат 20.000 војници на ИСФ и да се обучат 12.000 полицајци, кажа Џеферс.

Индонезискиот претседател Прабово Субианто објави дека неговата земја ќе придонесе до 8.000 војници „за да функционира овој мир“.

Планот предвидува силите да почнат да дејствуваат во областите под израелска контрола, во отсуство на разоружување на Хамас. Силите ќе бидат командувани од американски генерал со заменик од Индонезија.

Хамас, плашејќи се од израелски одмазди, не сака да го предаде своето оружје како дел од планот на Трамп од 20 точки за Газа, што доведе до кревкото примирје во двегодишната војна минатиот октомври.

Трамп кажа дека се надева оти употребата на сила за разоружување на Хамас нема да биде неопходна. Тој изјави дека Хамас ветил дека ќе го положи оружјето и дека „изгледа дека ќе го стори тоа, но ќе мора да видиме“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во Израел дека Хамас ќе биде разоружан на еден или друг начин. „Многу наскоро Хамас ќе се соочи со дилема – да се разоружа мирно или да биде разоружан со сила“, порача тој.

Во Газа, портпаролот на Хамас Хазем Касем кажа дека секоја меѓународна сила мора „да го следи прекинот на огнот и да ја спречи (израелската) окупација да продолжи со својата агресија“. Разоружувањето може да се дискутира, додаде тој, но не се обврза директно на тоа.

Николај Младенов, Бугарин кој има висока позиција во Одборот за мир, на состанокот изјави дека 2.000 Палестинци се пријавиле за новите преодни палестински полициски сили.

„Мораме да го направиме ова правилно. Нема план Б за Газа. Планот Б е враќање во војна. И никој овде не го сака тоа“, кажа американскиот државен секретар Марко Рубио.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ