среда, 11 јуни 2025

Трамповата МАХА: На децата во Европа им се препорачуваат помалку вакцини отколку во САД

Комисијата предводена од американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор вчера објави извештај во кој се наведува дека преработената храна, хемикалиите, стресот и прекумерното препишување лекови и вакцини може да бидат фактори за хронични заболувања кај американските деца.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот на комисијата, именувана по социјалното движење „Да ја направиме Америка повторно здрава“ (МАХА) поврзана со Кенеди, се фокусира на националната криза на растечки стапки на дебелина кај децата, дијабетес, рак, нарушувања на менталното здравје, алергии и невроразвојни нарушувања како што е аутизмот.

„Нема да дозволиме нашиот систем за јавно здравје да биде заробен од оние индустрии кои тој треба да ги надгледува“, рече претседателот Доналд Трамп за време на прес-конференција. Кенеди рече дека постои консензус меѓу членовите на комисијата да се даде приоритет на кризата со ултра-преработената храна и да се работи на подобрување на храната што ја јадат американските деца.

Во извештајот исто така се истакнуваат студии што ги поврзуваат здравствените нарушувања кај луѓето и животните со хербицидите глифосат и атразин, но не се повикува на специфични регулаторни промени или ограничувања за пестицидите што се користат во земјоделството. Се наведува дека овие хемикалии треба дополнително да се истражат.

Во него се критикува американскиот пристап кон вакцините кај децата, посочувајќи дека на европските деца им се препорачува да примаат помалку вакцини. Се бара спроведување студии за влијанието на вакцините врз хроничните детски болести и повредите поврзани со вакцинацијата.

Кенеди, долгогодишен скептик за вакцините, со години промовира побиени теории за безбедноста на вакцините кои се спротивни на научните докази. Како шеф на министерството, тој го надгледуваше отпуштањето на околу 20.000 од 80.000 вработени.

Питер Лури, претседател на Центарот за наука во јавен интерес, надзорно тело за храна и здравје, рече дека извештајот ги рециклира долгогодишните загрижености на Кенеди, од вакцини до масла од семиња.

Прехранбената индустрија соопшти дека регулаторите темелно ги разгледуваат адитивите во спакуваната храна. Американското здружение на одгледувачи на соја го критикуваше извештајот, за кој рекоа дека е „составен целосно зад затворени врати“ и неточно сугерира дека пестицидите и соините масла придонесуваат за негативни здравствени последици.

„Ги обесхрабруваме луѓето да консумираат масла здрави за срцето и ги охрабруваме наместо тоа да користат масти што ќе ги направат помалку здрави и ќе ги чинат повеќе во процесот“, рече директорот на АСА, Алан Медоус, одгледувач на соја.

Марион Нестле, професорка по исхрана на Универзитетот во Њујорк, за Ројтерс изјави дека извештајот е „разорна критика за она што им се случи на американските деца“.

„За да се справи со основните причини на состојбите детално опишани овде, оваа администрација ќе треба да се соочи со големите прехранбени, фармацевтски, земјоделски и хемиски компании и да ги принуди електраните на јаглен да ги намалат своите емисии. Голем дел од ова е спротивно на агендата на МАГА, а кратењата во федералните агенции нема да помогне“, рече таа.

Во извештајот се повикува на зголемен надзор и истражување на безбедноста на лековите и здравствените исходи во детството, како и на клинички студии што ги споредуваат диетите со целокупна и преработена храна кај децата.

Дефиницијата за ултра-преработена храна е предмет на жестока дебата, а извештајот ја опишува оваа храна како индустриски производ. Во извештајот се наведува дека клучните производи на таканаречените „големи прехранбени компании“, што обично се однесува на компании како Крафт Хајнц, Нестле и ПепсиКо, се ултрапреработени.

Крафт Хајнц произведува кечап Хајнц и Крафт макарони со сирење, Нестле произведува замрзнати пици и оброци под брендовите Стуферс и Лин кузин, додека ПепсиКо е сопственик на Фрито-леј, компанија за солени грицки. Во извештајот, исто така, се наведува дека формулата за доенчиња е ултра-преработена храна што предизвикува загриженост.

Пред објавувањето на извештајот, лоби групите за земјоделство предупредија дека критикувањето на одредени земјоделски практики може да ја попречи соработката во здравствената програма на администрацијата и да го загрози производството на храна. Според извор запознаен со прашањето, лоби групите вршеле силен притисок врз администрацијата да не ги споменува пестицидите во извештајот.

Шефот на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА), Ли Зелдин, во телефонски разговор со новинарите изјави дека земјоделците се клучни партнери во спроведувањето на програмата на МАХА и дека сите промени во регулативите за пестициди треба внимателно да се разгледаат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ