Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на разговорот на Трамп и Зеленски во Елисејската палата вчера, додека во Киев расте стравот од ставот на новата американска влада.
Трамп отворено се противи на тоа милијарди долари воена помош да му се испраќаат на Киев, а се фалеше и дека може да го заврши конфликтот за 24 часа.
„Зеленски и Украина би сакале да склучат договор и да го сопрат лудилото“, порача Трамп на својата платформа Трут соушал.
„Би требало веднаш да има прекин на огнот и да почнат преговорите. Премногу животи толку непотребно се губат, премногу семејства се уништени, а ако продолжи, може да се претвори во нешто многу поголемо и многу полошо“, додаде Трамп.
Киев е загрижен дека Трамп би можел да ја натера Украина на непопуларни отстапки за да се воспостави мир. Зеленски инсистира дека секој договор со Русија мора да биде „праведен“.
„Сите сакаме мир. Но за нас е многу важно мирот да е праведен и Русија, Путин или кој било друг агресор да нема можност да се врати“, кажал Зеленски. „Тоа е најважно – праведен мир и безбедносни гаранции, силни безбедносни гаранции за Украина“.
Зеленски му се заблагодари на Трамп на неговата „непоколеблива решителност“ оценувајќи го разговорот како „добар и продуктивен“.






