Трамп (78) e десетина килограми полесен откако неговиот последен преглед на функцијата претседател во 2020 година покажа дека се граничи со здебеленост.
Неговиот лекар, морнаричкиот капетан Шон Барбабела, го наведе „активниот начин на живот“, кој „и понатаму придонесува“ за благосостојбата на републиканскиот претседател. Трамп на 17 јуни полни 79 години.
Во резимето на сеопфатниот преглед на три страници докторот рече дека Трамп е „потполно способен да ја врши должноста врховен командант и шеф на државата“. Трамп на прегледот имаше 102 килограми, во однос на 111-те пред повеќе од четири години.
Во концизниот текст се наведува дека Трамп претходно имал операција на катаракт на двете очи, но не го наведува датумот или датумите. Тоа е вообичаена процедура меѓу повозрасните луѓе, која обично вклучува отстранување на заматената очна леќа и нејзина замена со вештачка леќа за да се разбистри видот.
Според извештајот, во јули 2024 година тогашниот кандидат Трамп имал колоноскопија, која открила бениген полип и состојба наречена дивертикулоза. Тоа е вообичаена состојба во која ѕидовите на цревата слабеат со годините. Таа може да доведе до воспаление, иако повеќето луѓе со неа никогаш не доживуваат никакви проблеми.
Трамп повторно го помина Монтреалскиот тест на когнитивна процена, краток скрининг-тест за процена на разни функции на мозокот, напиша Барбабела. Тестот, меѓу другите прашања, вклучува паметење на листа изговорени зборови и слушање листа на случајни броеви и нивно повторување наназад.
Исто така, претседателот во петокот бил прегледан во врска со симптомите на депресија и анксиозност и имал нормални резултати на прашалниците за тие состојби, се наведува во извештајот.
Трамп можеби е највозрасната личност избрана на највисоката функција во земјата, но заостанува четири години зад демократот Џо Бајден, кој имаше 82 години кога му престана претседателскиот мандат во јануари.
Барбабела наведе дека Трамп и понатаму е „со одлично здравје“, со „енергични“ срцеви, белодробни, невролошки и општи физички функции.
Докторот рече дека деновите на Трамп вклучуваат учество на повеќе состаноци, јавни настапи, достапност до медиумите и „чести победи во голф-настаните“. Трамп е страстен играч на голф, тој кажа дека неодамна ги освоил турнирите што се играа во клубовите во негова сопственост во Флорида.
Нивото на холестеролот на Трамп со времето се подобрило.
Неговиот крвен притисок бил благо покачен, 128 спрема 74, а пулсот во мирување -62 отчукувања во една минута, во согласност со претходните тестови.
Трамп исто така зема аспирин, кој може да го намали ризикот од срцев и мозочен удар.
Испитувањето открило помало оштетување од сонцето на кожата на Трамп и неколку бенигни лезии, но ништо што е загрижувачко. Исто така е потврдена лузна на Трамповото десно уво од прострелната рана добиена за време на атентатот на предизборниот собир во Батлер во Пенсилванија во јули 2024 година.
Истиот доктор го вршеше и го надгледуваше Трамповиот лекарски преглед и кажа дека тој вклучува дијагностичко и лабораториско тестирање, покрај консултациите со 14 специјалисти.
Барабела е одликуван морнарички лекар, кој е специјализиран за итна и тактичка медицина, и служел неколку пати на должноста во Ирак и во Авганистан. Тој ја има добиено наградата Пурпурно срце и Легија на честа, кои се меѓу највисоките воени почести.
Барбарела исто така е трет последователен лекар-специјалист по остеопатија на позицијата претседателски лекар, по Бајденовиот лекар и еден од лекарите што се грижеле за Трамп во неговиот прв мандат.
Тој ја водеше здравствената клиника за членовите на морнарицата во Хавелок во Северна Каролина, пред Трамп да го повика за оваа работа.