Во истото интервју, американскиот претседател тврди дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш не би ја почнал војната ако тој останел во Белата куќа и дека Русија не се плаши од НАТО, туку од Соединетите Американски Држави. Тој открива и дека, додека друга администрација делела ќебиња на Украина, неговата му го дала на Киев единственото оружје што го спасило од брз пораз.
„Јас им дадов проектили „џавелин“. Обама им даде ќебиња. И тие го користеа тоа оружје за уништување на тенкови на почетокот. Да не им дадов проектили „џавелин“, оваа војна ќе завршеше веднаш“, кажа Трамп, тврдејќи дека тој е тој што го спречил целосниот колапс на Украина со испорака на противтенковски ракети.
Во големото интервју шефот на Белата куќа, нагласувајќи дека имал „одличен однос со Путин“, го повтори своето верување дека конфликтот во Украина немало да се случи ако тој останел претседател на Соединетите Американски Држави.
„Ако изборите не беа наместени и ако јас бев претседател, оваа војна никогаш немаше да се случи“, оцени тој.
И повтори уште нешто, реагирајќи на изјавата на еден од четворицата новинари на Њујорк тајмс кои го интервјуираа, кој го потсети дека во февруари 2025 година му рекол на Зеленски дека „нема адути“.
„Точно. Па, тој нема адути. Нема адути од првиот ден“, кажа Трамп.
„Значи, ги немал тогаш. Дали ги има сега?“, праша Дејвид Сангер.
„Не, ги нема. Има само едно нешто. Доналд Трамп“, одговори шефот на Белата куќа.
Во двочасовното интервју тој кажа и дека НАТО без САД нема ефект на одвраќање, односно ниту Русија ниту Кина „ни најмалку“ не се плашат од воената алијанса.
„Русија, можам да ви кажам, не ја загрижува ниедна друга земја освен нас“, скромно оцени нескромниот американски претседател.
Во ова интервју, Трамп не остави простор за дипломатски нијанси – во неговата верзија на светот, Украина не е субјект, туку поле, Зеленски нема адути туку спонзори, а единствената личност со која Русија треба да преговара е Америка. Сè друго, верува Трамп, е само илузија за моќ.






