„Златната картичка на Владата Соединетите Американски Држави на Трамп пристигна денес! Директен пат до државјанство за сите квалификувани и проверени лица. ТОЛКУ ВОЗБУДЛИВО! Нашите одлични американски компании конечно можат да го задржат својот непроценлив талент. Страницата се отвора за 30 минути! trumpcard.gov“ објави американскиот претседател на социјалната мрежа Трут соушал.
„Со надомест за обработка и, по верификација од страна на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС), исплата од еден милион долари, имате право да останете во САД за рекордно краток рок преку програмата „Златна картичка на Трамп“, пишува на официјалната страница.
Заедно со „Златната картичка на Трамп“, администрацијата на САД објави уште поексклузивна програма – „Платинеста картичка на Трамп“, наменета за најбогатите странци кои сакаат да останат во САД без даночни обврски за странски приход. Програмата доаѓа со многу повисок финансиски праг и нуди статус кој според американските власти е „највисоко ниво на пристап“.
„Аплицирајте сега и обезбедете го вашето место на листата на чекање за Платинестата картичка на Трамп. Со надомест за обработка на апликацијата и, по верификација од страна на Министерството за внатрешна безбедност (DHS), придонес од 5 милиони долари, ќе имате можност да останете во Соединетите Држави до 270 дена без обврска да плаќате данок на САД за приход остварен надвор од САД“, се вели на официјалната веб-страница на американската влада.
Златниот билет на Трамп е виза наменета за луѓе за кои се смета дека можат да обезбедат „значителна корист“ за Соединетите Држави. Потребно е да се плати неповратна такса за апликација од 15.000 долари за да биде обработена од Министерството за внатрешна безбедност (ДХС).
По приемот на плаќањето, процесот на одобрување на петицијата и донесување одлука за визата се спроведува во забрзана постапка, под услов подносителот на барањето навремено да ја достави целата дополнителна документација и потребните такси.
Донација од 1 милион долари по пополнување на безбедносната дозвола се смета за доказ дека подносителот на барањето ќе обезбеди „значителна корист“ за САД. Во зависност од личните околности на подносителот на барањето, може да се применат дополнителни, помали такси од страна на Стејт департментот на САД.
Понатаму, воведена е и таканаречена „Златна корпоративна картичка на Трамп“ која се издава на корпоративен спонзор за еден или повеќе вработени. За да аплицира, спонзорот мора да плати неповратна такса на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС) во износ од 15.000 долари по вработен.
Компаниите можат да поднесат барања за повеќе од едно лице истовремено. Донација од 2 милиони долари по вработен, по пополнување на безбедносната дозвола, се смета за доказ дека вработениот ќе „донесе значителна корист“ за САД.
Предноста на оваа програма е што спонзорот може да престане да спонзорира еден вработен и да го користи веќе платениот износ на донација како основа за спонзорирање на друго лице – без потреба од нова исплата од 2 милиони долари.
Златната корпоративна картичка на Трамп е предмет и на годишна такса за одржување од 1 процент и такса за пренос на картичка од 5 проценти, што ги вклучува трошоците за нова безбедносна проверка од ДХС. Во зависност од околностите на вработениот, може да се применат дополнителни помали такси од американскиот Стејт департмент.
Во февруари оваа година, американскиот претседател Доналд Трамп го објави воведувањето на таканаречените „златни билети“, програма наменета за богати странци кои сакаат да инвестираат во Соединетите Американски Држави и да создадат нови работни места.
„Богатите луѓе ќе дојдат во оваа земја со купување на оваа карта. Тие ќе бидат богати, ќе бидат успешни, ќе трошат многу пари, ќе плаќаат многу даноци и ќе вработат многу луѓе“, изјави тој пред новинарите во Белата куќа. Според него, програмата била замислена како „нешто како зелена карта, но на повисоко ниво на софистицираност“, а на долг рок, таа ќе им обезбеди на носителите пат кон стекнување државјанство.
Во февруари Трамп кажа дека дури и некои руски олигарси – од кои многумина се под санкции на САД поради руската агресија врз Украина – би можеле да ги исполнат условите за програмата. „Познавам некои руски олигарси кои се многу добри луѓе“, кажа тој. Кога новинарите го прашаа дали можат да аплицираат, тој одговори: „Можно е“.
Новата „златна карта“ ќе ја замени постојната програма за имиграција ЕБ-5, која им овозможуваше на странските инвеститори да добијат право на постојан престој со големи инвестиции. Американскиот министер за трговија Хауард Лутник претходно изјави дека програмата ЕБ-5 е предмет на злоупотреба и дека претставува „начин за добивање зелена карта по ниска цена“.






