четврток, 2 април 2026

Трамп: Војната со Иран привршува, ќе ги вратиме во камената доба, каде што припаѓаат

Демократите го критикуваа обраќањето на Трамп како недоследно и како нешто што не дава одговори на најосновните прашања на американскиот народ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на САД Доналд Трамп вчеравечер го искористи обраќањето до нацијата во ударен термин за да ја прогласи едномесечната војна во Иран за успех што се приближува кон крајот, и покрај ескалирачкиот судир што предизвика економски потреси низ светот, ги наруши трансатлантските сојузи и го намали рејтингот на претседателот, пренесува Гардијан.

Во обраќањето од Белата куќа, Трамп тврдеше дека американското „мало патување“ во Иран речиси ги остварило „сите воени цели на Америка“, но воопшто не кажа како планира да го заврши судирот во наредните „две до три недели“.

„На работ сме да ја докрајчиме злокобната закана на Иран кон Америка и светот“, рече Трамп во говорот што траеше 19 минути и беше одржан од Крос холот во Белата куќа.

„Ние ги имаме сите карти. Тие немаат ниедна“, додаде тој.

Признавајќи ги економските потешкотии предизвикани од судирот, одговорноста за „краткорочниот“ раст на цените на горивото ја префрли на постапките на Иран и инсистираше дека САД станале енергетски независни.

Цените на нафтата пораснаа, а азиските берзи паднаа веднаш по обраќањето на Трамп, кое не ги смири инвеститорите загрижени поради затворањето на Ормускиот теснец. Американскиот претседател го повтори повикот до другите држави да помогнат во обезбедувањето на овој клучен нафтен премин.

„Зграпчете го и чувајте го“, порача тој.

Иран практично го затвори теснецот од почетокот на судирот, што доведе до нагол раст на цените на нафтата. Во САД цената на горивото оваа недела за првпат од 2022 година го надмина просекот од 4 долари по галон.

Трамп не спомена рок што му го поставил на Иран за повторно отворање на теснецот.

Набројувајќи ги наводните успеси, американскиот претседател рече дека иранската морнарица и воздухопловство се уништени, и дека таа земја сега е слаба и повеќе не претставува закана за САД и светот. Сепак, додаде дека САД ќе продолжат да исклучително силно го напаѓаат Иран во наредните неколку недели.

„Ќе ги вратиме во камената доба, таму каде што припаѓаат“, рече тој, иако истовремено наведе дека се во тек преговори.

Демократите го критикуваа обраќањето на Трамп како неконзистентно и како нешто што не дава одговори на најосновните прашања на американскиот народ.

Демократскиот сенатор Марк Ворнер изјави дека Трамп им должи на Американците повеќе одговори за судирот што ги зголеми цените на горивото и основните потреби, „со последици што долго ќе одекнуваат низ економијата“. Сенаторот Крис Марфи рече дека „никој во Америка, по овој говор, не знае дали ескалираме или деескалираме.“

Војната продолжува, со илјадници загинати во Иран и низ Блискиот Исток од 28 февруари. Напади во средата наутро го погодија Техеран. Израел соопшти дека извел два бранa напади врз Техеран и дека убил висок командант на Хезболах во Бејрут.

Иран продолжи со одмаздата, лансирајќи ракети кон централниот дел на Израел и низ регионот – вклучително и бараж изведен само неколку часа пред почетокот на еврејскиот празник Песах.

Според проценките на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, од почетокот на војната во Иран загинале најмалку 1.900 луѓе, а 20.000 се ранети, иако точните бројки тешко се потврдуваат.

Во Либан загинале повеќе од 1.300 луѓе, според податоците на министерството за здравство. Поголем дел од загинатите се цивили, додека Хезболах проценува дека околу 400 нивни борци се меѓу загинатите.

Во Израел од почетокот на војната загинале 19 луѓе, а 515 се ранети.

Најмалку 13 американски војници загинале, додека стотици се ранети.

Американските сили од почетокот на операцијата „Епски бес“ погодиле повеќе од 12.300 цели внатре во Иран, соопшти американската Централна команда.

Од почетокот на војната, администрацијата на Трамп испраќаше мешани и понекогаш контрадикторни сигнали за целите на САД. Трамп повеќе пати тврдеше дека иранското раководство бара примирје, а во објава на социјалните мрежи во средата наведе дека „новиот претседател на режимот“ во Иран „тукушто побара“ примирје – што Техеран го нарече „лажни и неосновани“ тврдења.

Исто така не е јасно со кого Трамп разговарал – Иран има нов врховен водач, Моџтаба Хамнеи, кој го наследи својот татко, ајатолахот Али Хамнеи, откако овој беше убиен првиот ден од воздушните напади предводени од САД. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја презеде функцијата во јули 2024 година.

Пред говорот на Трамп, Пезешкијан директно му се обрати на американскиот народ.

„На кои интереси на американскиот народ оваа војна навистина им служи?“, праша во писмо објавено на неговиот профил на мрежата Икс.

„Дали постоеше каква било реална закана од Иран што би го оправдала ваквото однесување?“, додаде тој.

Пезешкијан сугерираше дека САД влегле во војната на поттик на Израел и инсистираше дека иранските напади врз соседите се „одмерена реакција заснована на легитимна самоодбрана“.

„Дали ‘Америка на прво место’ навистина е меѓу приоритетите на американската влада денес?“, праша иранскиот претседател.

Дополнително комплицирајќи ја ситуацијата, Трамп, преку низа сè поостри објави и интервјуа, ги критикуваше американските сојузници поради одбивањето да се вклучат во војната, како и затоа што не направиле ништо за повторно отворање на Ормускиот теснец. Во говорот не го спомена НАТО, но претходно истиот ден рече дека „без никакво сомнение“ размислува за повлекување од сојузот.

Исто така изјави дека никогаш не бил под влијание на 77 години стариот воен сојуз и дека „секогаш знаел дека е куче што лае, а не каса“.

Трамп навести дека примирјето би зависело од повторното отворање на Ормускиот теснец, со тврдење дека американските сили би можеле прилично брзо да го напуштат Иран. Остави отворена можност за ограничени удари внатре во Иран ако биде потребно.

Во говорот настојуваше да го разликува овој судир од претходните долготрајни американски војни, нарекувајќи ја 32-дневната воена кампања „толку силна, толку брилијантна“.

Во петтата недела од војната, клучните цели на САД остануваат нејасни. Трамп ја намали загриженоста за иранските резерви на високо збогатен ураниум, тврдејќи дека се предлабоко под земја за да бидат значајни. Претходно спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје го наведуваше како главна причина за војната, што аналитичарите го оспорија.

Во меѓувреме, илјадници американски војници и понатаму се распоредени во регионот, оставајќи можност за поширока копнена операција по повеќенеделните воздушни напади врз Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ