петок, 6 март 2026

Трамп: Војната со Иран е поважна од тоа бензинот малку да поскапи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е загрижен поради растот на цените на горивото во САД, предизвикан од ширењето на конфликтот со Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во ексклузивно интервју, пренесено од Ројтерс, Трамп порача дека американската воена операција е приоритет.

„Воопшто не ме загрижува“, рече Трамп на прашањето за повисоките цени на бензинот на бензинските пумпи. „Многу брзо ќе паднат кога ова ќе заврши, а ако и пораснат, нека пораснат. Ова е многу поважно од тоа бензинот малку да поскапи.“

Ваквата изјава претставува промена во реториката на Трамп. Минатиот месец, во говорот за состојбата на нацијата и на енергетски собир во Тексас, тој нагласуваше дека цените на горивата опаѓаат.

Политичките аналитичари предупредуваат дека подолготрајниот раст на цените на горивото би можел да им наштети на републиканците на парламентарните избори во ноември, кога ќе се одлучува за контролата врз Конгресот на САД.

Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, и министерот за енергетика Крис Рајт разговарале со директори на нафтени компании за можни мерки за ограничување на растот на цените на енергијата.

Трамп изјави дека очекува војната против Иран да трае четири до пет недели, иако политичките и воените експерти сметаат дека исходот е неизвесен.

Во интервјуто Трамп нагласи дека не планира да ги користи стратегиските нафтени резерви, најголемите светски залихи на сурова нафта за вонредни ситуации.

Тој изрази уверување дека Ормускиот теснец, клучниот морски премин за транспорт на нафта во близина на Иран, ќе остане отворен, бидејќи иранската морнарица, како што рече, е „на дното на морето“.

Глобалните цени на нафтата пораснале за 16 проценти од почетокот на војната, додека просечната цена на бензинот во САД се зголемила за 27 центи во однос на минатата недела и изнесува 3,25 долари по галон, според податоците на Американскиот автомобилски клуб.

Администрацијата на Трамп се надева дека конфликтот ќе биде краткотраен и дека ударот врз цените на горивото ќе биде ограничен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ