„Ние помагаме со разузнавање. Но кога зборував за помош во воздухопловството мислев кога ќе заврши војната. Кога ќе заврши војната ние ќе помогнеме во зачувувањето на мирот и мислам дека тоа така ќе биде“, кажа Трамп синоќа во интервју за Фокс њуз.
Потврда за американска помош по упадот на дваесеттина невооружени руски беспилотни летала во воздушниот простор на Полска во ноќта на 10 септември побара по тој упад, кој Полска и НАТО го оценија како руска провокација, полскиот претседател Карол Навроцки , и објави по телефонскиот разговор со Трамп дека добил таква потврда.
Трамп, меѓутоа, синоќа продолжи да негира дека Русија ги испратила беспилотните летала намерно.
„Не можам да коментирам дали било грешка или не. Но, да бидеме искрени, не требаше да бидат таму. Но, изгледа дека ги исклучија. Знаете, денес можете да исклучите дрон. И тие сами паѓаат. Да се надеваме дека било така“, кажа Трамп.
Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кервински вчера објави дека во четвртокот навечер повторно се регистрирани неколку упади на руски и белоруски дронови во полскиот воздушен простор, меѓутоа, за разлика од упадот на 10 септември, овој пат само за неколку моменти и дека тие веднаш се вратиле на територијата на Белорусија.
Полските власти и Полјаците се задоволни од реакцијата на европските сојузници кои, поради упадот на дроновите мамки длабоко во полскиот воздушен простор, ја почнаа мисијата на НАТО Источна гарда и испраќаат дополнителни борбени авиони и противракетни системи на источното крило на НАТО, а според анкетите, 67 отсто од Полјаците веруваат дека во случај на напад ќе им дојдат на помош.
Сепак, ова не важи за САД, бидејќи по низата изјави на Трамп, верувањето на Полјаците дека можат да се потпрат на својот главен сојузник слабее.
Бројот на Полјаци кои веруваат дека САД би ги оставиле на цедило се зголеми на 33,1 отсто, дури 29 отсто не знаат што да мислат, а помалку од половина, 37,9 отсто, од анкетираните во најнова анкета за полскиот новински портал Онет веруваат дека Полјаците сè уште можат да очекуваат помош од САД во случај на напад.






