Иако Трамп јавно сигнализираше дека операцијата во голема мера ги постигнала своите цели, американските и израелските претставници велат дека нема внатрешна директива за тоа кога би можеле да завршат борбите. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека војната ќе продолжи „без никакво временско ограничување, колку што е потребно, сè додека не ги постигнеме сите цели и решително не ја добиеме кампањата“. Израелските и американските претставници велат дека се подготвуваат за уште најмалку две недели напади во Иран, а самиот Трамп одби да даде временска рамка за крајот на војната.
„Војната оди одлично. Многу сме пред планот. Направивме повеќе штета отколку што мислевме дека е можно, дури и во однос на првично предвидените шест недели“, кажа Трамп. Тој потврди дека непријателството на Иран се проширило надвор од Израел и Соединетите Американски Држави во земјите од Заливот низ целиот регион. „Тие отидоа во остатокот од Блискиот Исток. Тие плаќаат за 47-те години смрт и уништување кои ги предизвикаа. Ова е одмазда. Нема да се извлечат така лесно“, оцени Трамп.
Соединетите Американски Држави во вторникот добија разузнавачки информации кои укажуваат дека Иран почнал да поставува мини во Ормускиот теснец, еден од најважните светски патишта за снабдување со нафта. Официјалните лица велат дека не е јасно колку мини поставил Иран, но се проценува дека станува збор за многу мал број. Трамп тврди дека во американските напади во вторникот се уништени 16 бродови за поставување мини, попречувајќи ги плановите на Иран.
Командантот на американската Централната команда (Центком), адмиралот Бред Купер, во видео порака изјави дека мисијата на американската војска е да ја елиминира способноста на Иран да проектира моќ и да ја наруши навигацијата во теснецот. „Американските сили продолжуваат да демонстрираат разорна борбена моќ против иранскиот режим. Борбената моќ на САД се зголемува, додека борбената моќ на Иран се намалува“, оцени Купер, додавајќи дека бројот на ирански напади со ракети и беспилотни летала е драстично намален.
Трамп даде различни проценки за крајот на војната, но главно предвиде еден месец бомбардирање. Во говорот на 28 февруари, кога ги објави првите напади врз Иран, тој наведе четири воени цели на САД: уништување на иранските ракети и ракетната индустрија, уништување на иранската морнарица, оневозможување на иранските „терористички посредници“ дополнително да го дестабилизираат регионот и светот и обезбедување Иран да не дојде до нуклеарно оружје.






