Овој потег, кој ги воодушеви теоретичарите на заговор, доаѓа само еден месец откако американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги објави сите владини досиеја за неидентификуваните летечки објекти (НЛО) и во време кога официјалниот интерес за темата, сега наречена неидентификувани воздушни феномени (НАФ), е поголем од кога било, главно поради загриженоста за националната безбедност, пишува Гардијан.
Регистрацијата на доменот следува по серијата конгресни сослушувања и извештаи за НАФ во последниве години. Повеќето од нив ги отфрлија доказите за вонземна активност, но во исто време оставија некои видувања необјаснети и обезбедија платформа за поддржувачите на вонземските теории на заговор. Заменичката прес-секретарка на Белата куќа Ана Кели не се потруди премногу да ги обесхрабри ваквите верувања. На новинарско прашање за идните веб-страници, таа одговори со пораката: „Следете нè!“, на што додаде емотикон на вонземјани.
Мајкл Голд, поранешен помошник-администратор на НАСА за вселенска политика и член на независен тим за истражување на НАФ, е оптимист во врска со тоа што би можела да објави владата, дури и ако тоа не ги реши преостанатите прашања.
„Самиот факт што разговараме за тоа администрацијата да ги прегледа досиејата и да ги објави податоците преку веб-страниците е вистинско достигнување“, кажа Голд, кој сведочеше во 2024 година за стигмата која долго време спречуваше сериозно проучување на темата. „Треба да ѝ се заблагодариме на администрацијата за поттикнување транспарентност и сериозно сфаќање на овој проблем. Тоа е успех кој треба да го прославиме“.
Претседателот им нареди на владините агенции „да го почнат процесот на идентификување и објавување на владини досиеја поврзани со вонземски живот, неидентификувани воздушни феномени (НАФ) и неидентификувани летачки објекти (НЛО) и сите други информации поврзани со овие многу сложени, но исклучително интересни и важни прашања“. Трамп претходно кажа дека не може да каже дека верува во вонземски живот, „но сретнав сериозни луѓе кои велат дека виделе некои навистина чудни работи како летаат таму горе“.
Тој не е единствениот. Високи функционери на администрацијата на Трамп покажаа интерес за оваа тема. Потпретседателот Џеј Ди Венс зазеде неутрален став, велејќи дека ниту верува ниту не верува. „Цврсто верувам дека постојат работи што не можеме да ги објасниме“, кажа тој минатата година.
Државниот секретар Марко Рубио изрази загриженост во врска со извештаите за неидентификувани летала кои летаат над американските нуклеарни објекти. „Пилотите на морнарицата, адмиралите, генералите… истапија и кажаа дека постојат програми во рамките на американската влада за кои дури ни претседателите не се информирани“, кажа тој во декември. Директорката на Националното разузнавање Тулси Габард кажа дека „верува во можноста“ за вонземски живот.
Интересот за оваа тема не е ограничен само на републиканците. Поранешниот претседател Барак Обама неодамна во подкаст кажа дека вонземјаните се „вистински, но јас не сум ги видел“ и додаде: „Не ги чуваат во Областа 51… освен ако нема некаков огромен заговор и ги кријат и од претседателот“.
Во 2016 година Хилари Клинтон вети дека, доколку биде избрана, ќе „дојде до дното“ на теориите за вонземјани. Сепак, голем дел од официјалниот интерес е мотивиран од безбедносни причини. Еј-би-си њуз објави во петокот дека воздухопловната база Барксдејл во Луизијана издала наредба за засолнување претходно овој месец „поради извештаи за беспилотен воздушен систем кој работи над објектот“ кој се состоел од „повеќе бранови“ на беспилотни летала.
Мајкл Голд истакнува како прашањето за беспилотните летала станало надпартиско. „Тоа обедини личности како конгресмените Тим Бурчет и Ана Полин Луна, и некој како Александра Окасио-Кортез и лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер“, вели тој. „Само НАФ може да обедини политичари со толку различни ставови“. Голд додава дека студиите и сведоштвата во последниве години морале да ја надминат стигмата што го попречувала напредокот со децении. „Дури и истражување претставуваше закана за академските и професионалните кариери“, кажа тој. „Сега, кога гледаме луѓе од администрацијата како се вклучуваат, станува сè потешко да се поверува дека ништо не се случува“.
Нормално, вистинската дебата е за тоа што точно се случува – и тука стравовите од националната безбедност продолжуваат да се судираат со теоретичарите на заговор и верниците во малите зелени луѓе. Историчарот на НЛО Грег Егигијан, автор на „Откако дојдоа летачките чинии“, вели дека е клучно секое објавување на документи да се гледа во поширок општествен контекст. „Поминавме низ ова и претходно, особено во средината на 1970-тите и средината на 1990-тите, кога голем дел од тоа излезе.“ Една студија на ЦИА откри дека повеќе од половина од извештаите за НЛО од 1950-тите и 60-тите години всушност биле поврзани со тајни извидувачки летови, кои „ги навеле Воздухопловните сили да дадат лажни изјави за јавноста со цел да се смират стравовите и да се заштити исклучително чувствителен проект за национална безбедност“.
И покрај сите стравови од беспилотни летала и странски земји, надежта за вонземјани продолжува да живее во популарната култура. Веб-страницата за предвидување на пазарот Дуелбитс предикт вели дека во обложувањето каде вонземјаните ќе го остварат првиот контакт Ново Мексико, Невада и Аризона се на врвот бидејќи тие се „двете најпознати локации во фолклорот за НЛО“. Веб-страницата Полимаркет проценува дека постои 19 отсто шанса владата да го потврди постоењето на вонземјани пред 2027 година.






