„Дали ќе има американски војници во Полска? Мислам дека ќе има. Можеби ќе испратиме уште, ако (Полјаците) го побараат тоа. Сакаме да го одржиме нашето воено присуство во Полска“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа пред почетокот на разговорите со полскиот претседател.
Американскиот претседател додаде дека дури и не размислувал за повлекување на дел од приближно 10.000 американски војници, и директно како американско присуство, и како дел од НАТО, распоредени во Полска.
Навроцки му се заблагодари на Трамп за воената заштита и нагласи дека како историчар може да каже дека за прв пат Полјаците се среќни што имаат странски војници во својата земја.
„Јас сум историчар. Ова е прв пат во историјата на 20 и 21 век Полјаците да бидат среќни што имаат странски војници на своја територија. Покрај тоа, американските војници се дел од нашето општество. Сега имаме речиси 10.000 војници и ова е сигнал до целиот свет, а исто така и до Руската Федерација дека сме заедно, дека не сме како оние што се шверцуваат во Европската Унија и НАТО“, рече Навроцки.
Полскиот претседател, на својата прва странска посета по неговата инаугурација на 6 август, замина за Вашингтон, од каде што ќе продолжи кон Ватикан за да се сретне со папата, а потоа во Рим со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Посетата на Навроцки на Белата куќа е важен елемент од жестоката домашна политичка кампања против владата предводена од опозициската популистичка и радикална десница, која ја претставува и Навроцки, идеолошки близок до движењето МАГА и Трамп.






