Зборувајќи на предизборен собир во Пенсилванија, Трамп уште еднаш изјави дека тој е единствениот способен да спречи општ глобален конфликт, тврдејќи дека неговата демократска ривалка Камала Харис „гарантирано би ги вовела“ Соединетите Американски Држави во „трета светска војна, бидејќи е страшно неспособна за вршење на работата“ на претседателот на државата.
„Да се доведе таа на местото претседател би значело коцкање со животите на милиони луѓе. Синовите и ќерките на крајот ќе бидат повикани да се борат во војна во земја за која никогаш не сте слушнале“, кажа Трамп.
Тој за време на својот говор при официјалното примање на номинацијата на Републиканската партија претходно годинава вети дека „ќе ја сопре секоја меѓународна криза која ја создала актуелната влада“, пред сè конфликтите во Украина и Појасот Газа.
Поранешниот претседател на САД не понуди конкретни планови за постигнување мир во светот, но во повеќе наврати предупреди дека со поддржувањето и финансирањето „туѓи војни“ под водство на претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис, САД го зголемуваат ризикот од избивање трета светска војна.
„Но јас нема да ве испратам да се борите и гинете во глупава, бескрајна, туѓа војна“, им кажа тој на поддржувачите во Пенсилванија.
„Нема да морате да ги испраќате своите деца во војна, вашето дете да биде разнесено за земја за која никогаш не сте слушнале, а која и онака не сака да има ништо со вас“, додаде Трамп.
Поранешниот американски претседател во повеќе наврати ветуваше дека ќе го сопре конфликтот во Украина во рок од 24 часа откако ќе биде избран, дури и пред да стапи на функцијата.
Харис, пак, го критикуваше пристапот на Трамп, тврдејќи дека тој ќе го натера Киев да се предаде. И Москва ги доведе во сомнеж ветувањата на Трамп за инстант-мир, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков истакна дека не мисли дека постои „волшебно стапче“ кое може нагло да го прекине конфликтот.






