вторник, 17 март 2026

Трамп: Верувам дека ќе ја имам честа да ја преземам Куба, можам да правам што сакам со неа

Доналд Трамп изјави дека очекува да има „чест да ја преземе Куба“, во време кога земјата се соочува со недостиг на електрична енергија предизвикан од американската блокада на нафта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател вчера тврдеше дека може да направи „што сака“ со Куба, среде преговорите што Вашингтон ги води со Хавана за иднината на островската нација, пишува Гардијан.

„Знаете, целиот свој живот слушам за САД и Куба. Кога САД ќе направат нешто?“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

„Верувам дека јас… ќе ја имам честа да ја преземам Куба. Без разлика дали ќе ја ослободам или ќе ја преземам, мислам дека можам да направам што сакам со неа. Дали сакате да ја знаете вистината? Тие се многу ослабена нација во моментов“, додаде тој.

Кратко по изјавата на Трамп, Њујорк тајмс, повикувајќи се на четири неименувани извори запознаени со разговорите, објави дека американските претставници побарале од Куба да го отстрани претседателот Мигел Дијаз-Канел за време на неодамнешните преговори.

САД го зголемуваат притисокот врз Куба, својот долгогодишен противник, уште од соборувањето во јануари на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, најважниот кубански странски сојузник.

Трамп ги прекина испораките на венецуелската нафта за Куба и се закани дека ќе воведе тарифи за секоја земја што ќе ѝ продаде нафта, со што го загуши нејзиниот застарен електроенергетски систем.

Соборувањето на Дијаз-Канел би отстранило клучен лидер, но би го оставило на власт репресивниот комунистички режим што владее со Куба речиси седум децении.

Куба традиционално отфрла какво било мешање во своите внатрешни работи и го смета секој таков предлог за пречка за каков било договор.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, син на кубански имигранти, одамна јасно стави до знаење дека сака промена на режимот во Хавана. И Трамп претходно повика на „пријателско преземање“, но неодамна им рече на новинарите: „Можеби тоа нема да биде пријателско преземање“.

Откако Мадуро беше соборен од власт во јануари и САД му се придружија на Израел во нападот врз Иран, Трамп отворено сугерираше дека Куба е „следна“.

Дијаз-Канел (65), кој ги наследи покојниот Фидел Кастро и неговиот брат Раул на претседателската функција во 2018 година, во петокот изјави дека очекува разговорите со САД да се водат „според принципите на еднаквост и почитување на политичките системи на двете земји, суверенитетот и самоопределувањето“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ