среда, 1 април 2026

Трамп тврди дека новиот ирански лидер побарал прекин на огнот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека новиот лидер на Иран побарал прекин на огнот, во објава на неговата платформа Трут сошл.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Новиот ирански лидер штотуку побара од Соединетите Американски Држави прекин на огнот“, напиша Трамп.

Тој додаде дека Вашингтон ќе ја разгледа таа можност „кога Ормускиот теснец ќе биде отворен, слободен и безбеден“.

„Дотогаш, ќе го срамниме Иран со земја“, порача американскиот претседател, во изјава што дополнително ја нагласува острата реторика на администрацијата во текот на конфликтот.

Во претходните изјави, Трамп повеќепати истакна дека САД се блиску до исполнување на своите главни воени цели, вклучително и значително ослабување на иранската воена инфраструктура и ракетните капацитети. Тој исто така најави дека американската кампања би можела да заврши во рок од две до три недели.

Истовремено, Трамп јасно стави до знаење дека САД не планираат да преземат одговорност за обезбедување на Ормускиот теснец, нагласувајќи дека тоа треба да биде задача на земјите што зависат од оваа клучна рута за снабдување со нафта.

Тој ги критикуваше и американските сојузници, особено во Европа, поради недоволна поддршка во војната против Иран, порачувајќи им „сами да си одат по својата нафта“ и дека САД повеќе нема да ги штитат како досега.

Овие изјави доаѓаат во момент кога конфликтот продолжува да ги потресува глобалните енергетски пазари, со раст на цените на нафтата и зголемени тензии во регионот на Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ