сабота, 12 јули 2025

Трамп: Судењето на Биби Нетанјаху ДА СЕ ОТКАЖЕ ВЕДНАШ или да му се даде помилување

Американскиот претседател Доналд Трамп, повика на прекин на судењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во објава на Трут соушл.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„НАЈНОВА ВЕСТ… Бев шокиран кога слушнав дека Државата Израел, која штотуку доживеа еден од своите најголеми моменти во историјата, и е моќно предводена од Биби Нетанјаху, продолжува со својот смешен лов на вештерки против својот воен премиер!

Биби и јас штотуку поминавме низ ПЕКОЛ заедно, борејќи се против многу суров и брилијантен долгогодишен непријател на Израел, Иран, а Биби не можеше да биде подобар, поостроумен или посилен во својата ЉУБОВ кон неверојатната Света Земја. Секој друг би претрпел загуби, срам и хаос!

Биби Нетанјаху беше ВОИН, како можеби ниту еден друг воин во историјата на Израел, а резултатот беше нешто што никој не го сметаше за можно, целосно отстранување на потенцијално едно од најголемите и најмоќните нуклеарни оружја некаде во светот“, напиша Трамп.

„Се боревме, буквално, за опстанокот на Израел, и никој во израелската историја не се борел посилно или покомпетентно од Биби Нетанјаху.

И покрај сето ова, штотуку дознав дека Биби бил повикан на суд во понеделник за продолжување на овој долготраен (тој поминува низ ова „хорор шоу“ од мај 2020 година – Нечуено! Ова е прв пат да му се суди на актуелен израелски премиер) политички мотивиран случај, во врска со пури, куклата Душко Долгоушко и бројни други неправедни обвинувања за да му се нанесе голема штета.

Таков ЛОВ НА ВЕШТЕРКИ, за човек кој дал толку многу, е незамислив за мене. Тој заслужува многу подобро од ова, како и Државата Израел. Судењето на Биби Нетанјаху треба ДА СЕ ОТКАЖЕ, ВЕДНАШ или да му се даде помилување на големиот херој кој направил толку многу за државата.

Можеби не познавам никого кој би можел да работи во подобра хармонија со претседателот на Соединетите Американски Држави, со МЕНЕ, од Биби Нетанјаху. Соединетите Американски Држави го спасија Израел, а сега Соединетите Американски Држави ќе го спасат Биби Нетанјаху. ОВАА ПАРАДА НА „ПРАВДА“ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ“, додаде тој.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од 2020 година е обвинет во три одделни случаи на корупција познати како Афера 1000, 2000 и 4000, а обвиненијата вклучуваат поткуп, измама и злоупотреба на довербата.

Во Афера 4000, најсериозната, тој е обвинет за фаворизирање на телекомуникациската компанија Безек во замена за поволно медиумско известување на порталот Вала. Во други случаи, станува збор за примање подароци од богати пријатели и обид за постигнување договор со медиумите за поволно известување. Нетанјаху ги отфрла сите обвинувања и тврди дека е жртва на политички прогон.

Судењето започна во мај 2020 година и трае повеќе од пет години, со бројни одложувања и прекини, делумно поради политичките обврски на Нетанјаху и вонредните околности како што е војната во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ